l-dev-prev

Вчера се одржаа презентациите од првиот ден од конференцијата за програмери Google I/O. Како што беше и очекувано Google ја претстави наредната верзија од својот оперативен систем Android, која што треба да биде достапна за корисниците од оваа есен. Моментално новата верзија нема некое од интересните имиња карактеристични за другите верзии, па се нарекува едноставно Android L, но се очекува промена до официјалната достапност за корисниците. Овој пат достапна ќе биде и Developer preview верзија која што корисниците на Nexus 5 и 7 ќе можат да ја симнат во текот на денешниот ден и порано да ја пробаат новата верзија.

Една од најголемите промени во Android L, промена која што обичниот корисник веднаш ќе ја забележи е новиот дизајн на корисничкиот интерфејс. Google со оваа верзија го претставува новиот дизајн стил кој што ќе биде карактеристичен на повеќе уреди, односно на мобилните, таблет компјутерите, Chrome OS оперативниот систем, како и на веб и го нарекува Material Design. Програмерите следејќи го правилникот на официјално направена страна за таа потреба, ќе можат да ги дизајнираат своите апликации за сите можни формати и уреди.

Карактеристично за новиот дизајн е истакнувањето на боите и намалување на текстурите и нијансите. Акцент ќе биде ставен на деловите од корисничкиот интерфејс кои што треба да бидат истакнати, сенките, а исто така вклучени се и нови анимации кои што изгледаат навистина убаво и интересно. Корисниците треба многу полесно да се снаоѓаат во новиот дизајн и секогаш да знаат што е тоа што во моментот го користат или имаат стиснато на нешто. Може да се каже дека и Google се вклучуваат на модерниот дизајн кој што се повеќе се користи, а со сопствена верзија на овој тип на дизајн може да се видат оперативните системи од Apple и Microsoft. Ние нема да почнеме да тврдиме дека се работи за копија на некој од постојните оперативни системи поради фактот што ова денес претставува тренд во начинот на дизајнирање на корисничките интерфејси и сметаме дека никој нема ексклузивно право да го користи. Претставувањето на сопствената замисла од различни компании само придонесува на подобрување на и така интересниот модерен дизајн кој вклучува минимализам, повеќе бои и помалку текстури. Исто така ќе забележите дека системските копчиња, односно копчињата за back, home и recent apps се редизајнирани и направени да изгледаат поедноставно.

Наредната поважна новина во Android L е подобрувањето на системот за нотификации, кој што и така на овој оперативен систем се смета за најмногу развиен и корисен. Нотификациите сега ќе биде прикажувани на lock екранот, односно на екранот при отклучување на уредот. Ќе бидат прикажани нотификациите според нивната важност, ќе можете да ги тргате со повлекување на прстот како и досега, а доколку сакате да видите повеќе детали повторно можете да повлечете од горната страна на екранот и да ги видите сите нотификации. Она што е интересно е што кога ќе го отворите центарот за нотификации, веќе не прави разлика дали од левата или десната страна тоа го имате направено. Кратенките до одредени прилагодувања на уредот сега се пристапуваат со повлекување надоле на нотификациите, со што тој дел е многу поедноставен и бара помалку кликови за доаѓање до потребните работи. Исто така воведена е лента за нотификации која што се појавува на горниот дел од екранот кога се наоѓате во било која апликација, па можете да одговорите, да ја тргнете и слично нотификацијата без да излезете од моменталната апликација.

Во оваа верзија од Android конечно е воведен ART runtime системот за стартување на апликациите, на местото на стариот Dalvik. Како што истакнаа на презентацијата, ART треба да овозможи до два пати побрзо стартување на апликациите, нивна работа, како и подобро искористување на меморијата на уредот и потрошувачката на батеријата.

Google на презентацијата исто така претстави нов интересен начин на отклучување на уредите. Доколку користите паметен часовник кој што работи на Android Wear вашиот мобилен телефон, на пример, ќе можете да го отклучите без потреба од внесување на пин код, односно тоа ќе биде направена преку часовникот. Ова исто така ќе може да биде направено да работи на одредени Wi-Fi мрежи, па така кога ќе дојдете дома, вашиот телефон ќе се отклучува без потреба од поставениот код.

Android L ќе вклучува и подобрен систем за заштеда на батеријата, како и подобрување на графичките перформанси. Се разбира тука се и огромниот број на исправени багови и грешки, како и генерално подобрување на системот.

Претходна статијаSamsung Galaxy Apps е новото име на продавницата за апликации од компанијата
Следна статијаGoogle го претстави Android TV, ќе биде достапен од оваа есен
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.