google-tone-1

Google Tone е експериментална екстензија за Chrome прелистувачот која што овозможува споделување на линкови со други уреди во близина користејќи звуци. Направена за само едно попладне, како што истакнуваат на Google Research блогот, екстензијата е се’ уште во развојна фаза, меѓутоа може без проблеми да се користи.

Начинот на кој што оваа екстензија функционира е едноставен. Моментално отворената веб страна во Chrome можете да ја споделите преку притискање на копчето кое што се додава од екстензијата. За истото да биде изведено, другиот уред исто така треба да ја има инсталирано екстензијата, а линкот ќе го добие заедно со името и сликата од вашиот Google профил.

Се разбира, со оглед на тоа што екстензијата го испраќа линкот преку звук, двата уреди потребно е да имаат звучници и микрофон за да се оствари комуникацијата.

Од Google нагласуваат дека исто како што е случајот и кај луѓето, не секое испраќање ќе биде успешно, односно слушнато како што треба од другата страна. Овој начин на пренесување на информации може да се користи и за повеќе од обични линкови, односно може да се користи и за слики, документи и други фајлови.

Се поставува прашањето која би била намената и предноста на еден ваков начин на споделување на линкови во време кога постојат поголем број на сервиси за пораки и споделување на фајлови. Како и да е, сепак е интересно кога се гледа одредена технологија која што може да најде примена во одредена ситуација, но и може да се развие во иднина.

Google Tone можете да ја симнете преку Chrome Web Store или преку следниот линк.

Симни ја Google Tone екстензијата за Chrome

Извор: Google Research Blog

Претходна статијаMicrosoft ја претстави првата “Preview” верзија на Office за Android
Следна статијаPanasonic ќе ги претстави првите телевизори со Firefox OS
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.