2015-10-06 (13)

Microsoft денеска го одржа најавениот настан во Њујорк на кој што ги претстави најновите уреди кои што треба да го претстават Windows 10 во најдобро светло. Иако со големи очекувања, посебно за тие кој што ја следат компанијата изминатите година и половина, сепак, настанат беше многу подобар од очекувањата.

Презентациите беа одлично спремени, а уредите кои што беа прикажани, иако дел од нив најавени, позитивно ги изненадија присутните, како и гледачите од целиот свет.

Може слободно да се каже дека најголемо внимание привлекоа целосно новиот и прв за компанијата лаптоп компјутер Surface Book, како и презентацијата на новите можности на HoloLens.

Сепак, да почнеме од почеток…

Нови познати универзални апликации

Првата работа која што беше најавена на настанот беше поддршката која што ја добива Microsoft во популаризирањето на концептот на универзални апликации, односно апликации кои што работат на сите Windows 10 уреди и се прилагодуваат на посебните екрани.

Во тој контекст беше најавен развојот на нови и универзални апликации од страна на Facebook за своите апликации, односно за Facebook, Messenger и Instagram. Временски рок не беше даден за тоа кога може да се очекуваат овие апликации, меѓутоа веруваме дека истото ќе биде до крајот на годината најкасно.

Project X-Ray

Пред претставувањето на главните уреди кои што беа очекувани на настанот, Microsoft направи презентација на Project X-Ray. Се работи за игра, односно целосна платформа која што е направена за HoloLens очилата.

На презентацијата можеше да се види како играта се прилагодува на просторијата во која што се игра, ѕидовите, мебелот, односно поставеноста на предметите во неа. Истата е прилично основа, меѓутоа тоа е доволно да се покаже што се може да се направи со оваа технологија. Разни видови на роботи излегуваат од ѕидовите, а играчот ги уништува со исто така холограмското оружје кое што стои на неговата рака.

Microsoft Lumia 950, 950 XL и Lumia 550

Како што се очекуваше, Microsoft на настанот конечно ги претстави новите Lumia модели од високата класа, нешто што не беше претставено повеќе од година и пол. Повеќето информации околу телефоните веќе беа повеќе пати „протечени“ како неофицијални информации, па презентацијата беше повеќе насочена кон изработката, хардверот, како и Continuum функцијата на Windows 10 која што станува официјално достапна со овие уреди.

Lumia-950-hero-jpg

Како што беше најавено кога функцијата за првпат беше претставена, Lumia телефонот ќе може да се поврзе преку док, кој што исто така го прави Microsoft, со поголем екран, глувче и тастатура и да се користи во формат на целосен десктоп. Сите достапни апликации кои што се универзални ќе бидат прикажани во формат прилагоден за поголем екран, па корисникот ќе има искуство како да работи на десктоп компјутер.

Што се однесува до спецификациите, 950-ката ќе доаѓа со 5,2 инчен AMOLED екран со резолуција од 2560 x 1440 пиксели. Ќе работи на Snapdragon 808 чипсетот со 1,8 GHz шест јадрен процеоср, а ќе вклучува и 3GB RAM меморија. Камерата ќе вклучува сензор со 20 мегапиксели, а батеријата ќе биде со капацитет од 3.000 mAh.

Lumia 950 XL е поголемиот модел и ќе доаѓа со 5,7 инчен AMOLED екран со 2560 x 1440 пиксели резолуција. Ќе работи на осум јадрениот 2.0 GHz процесор на Snapdragon 810 чипсетот и исто така 3GB RAM меморија. Камерата ќе биде иста како кај помалиот модел, односно ќе вклучува сензор со 20 мегапиксели, а ќе има поголема батерија со капацитет од 3340 mAh.

Двата модели ќе доаѓаат со новиот USB Type-C приклучок, а ќе можат да се наполнат до половина само 30 минути.

Овие модели доаѓаат со поддршка за Windows Hello, функција на Windows 10 која што овозможува отклучување на системот преку скенирање на лицето, очите или прстите.

Цените на двата модели ќе изнесуваат 550 за помалиот, односно 650 долари за поголемиот телефон.

На настанот исто така беше најавен и модел од пониската класа, кој што исто така ќе доаѓа со доста пониска цена. Се работи за Lumia 550 моделот и за истиот ќе има повеќе информации во наредниот период.

Surface Pro 4

Еден од најмногу очекуваните уреди на настанот беше новата генерација од Surface таблетот, односно Surface Pro 4. Истиот беше најавен и доаѓа со подобрувања во однос на перформансите на претходникот.

На презентацијата беше исто така нагласено дека Surface Pro 4 е за 50% побрз од MacBook Air, очигледно главниот конкурент на овој уред.

42222a51-579c-402c-b388-cbb6b3e89e1e

Уредот доаѓа со 6-тата генерација на Intel процесори, 12,3 инчен екран, потенок и полесен е од претходникот, а доаѓа и со нова и подобрена тастатура која што вклучува и читач на отпечатоци на прсти. Како и телефоните, Surface Pro 4 доаѓа со док преку кој што може да се поврзе на поголем екран.

Ќе доаѓа со можност за поставување до 16GB RAM, како и 1TB простор за складирање, а ќе се продава по почетна цена од 899 долари.

Surface Book

Слободно може да се каже дека главниот уред на настанот, а и изненадување, беше новиот Surface Book. Се работи за лаптоп компјутер и е прв кој што е претставен од Microsoft. Ќе работи на најновата 6-та генерација на Intel процесорите, ќе доаѓа со можност за 16GB RAM меморија, како и 1TB простор за складирање.

Уредот може да се каже дека е меѓу подобрите претставени кои што работат на Windows 10. Екранот и тастатурата се поврзани со интересен жлеб кој што цврсто ги држи еден со друг. Сепак и овој уред доаѓа со можноста за издвојување на екранот и користење на еден вид таблет компјутер.

cefd92f8-bf19-43ae-b0c3-7a4fd9f53bf5

За разлика од Surface Pro таблетите, Surface Book е пред се лаптоп, па за искористување на максимум од него, потребно е поврзување со тастатурата каде што е сместена графичката карта.

Ваков уред се очекуваше уште од претставувањето на хибридните уреди со Windows 8, па конечно некој го направи. Конкретно мислиме на уред кој што хардверските компоненти ги има и во екранот и во тастатурата, па зависно од режимот на работа, се добива и различна јачина.

surface-book-hinge-100620082-orig

Лаптопот исто така може да се „превиткува“ во разни позиции додека е поврзан со тастатурата, па се гледа дека е наменет за голем број на работни ситуации.

Овој уред исто така беше спореден со производ од Apple, односно MacBook Pro, за кој што се истакнува дека е дупло побрз.

На настанот исто така беше претставена и втората генерација од Microsoft Band. Оваа година уредот доаѓа со заоблен екран, па треба многу подобро да се поставува на раката, за разлика од првиот модел за кој што имаше коментари дека не е баш удобен за носење.

Повеќе информации за сите претставени уреди, односно за секој посебно, ќе можете да прочитате во дополнителни статии на Смартпортал.

Претходна статијаIBM работи на супериорни транзистори од јаглерод
Следна статијаРецензија: Vivax Fly 1
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.