Mac Pro линијата на Apple е веќе години и години застарена и иако денес на WWDC тие не претставија нов модел, целосно ја сменија насоката во која ќе ги развиваат професионалните десктоп системи. Така, наместо големо куќиште, сега се ќе биде сместено во самиот дисплеј, односно супер популарната iMac линија добива внатрешни компоненти кои ќе може да ги задоволат и професионалците.
Поточно, новиот iMac Pro ќе биде опремен со Intel Xeon процесори, почнувајќи од 8, па се до 18 јадра, кои ќе бидат помогнати од супер брзиот серверски ECC рам со максимум 128 GB и графички картички од најновата Radeon Vega генерација на AMD со максимум 16 GB видео рам.
Шлаг на тортата е понудата на SSD дискови со максимална големина од 4 TB. Да нема забуни – ова се вистински серверски перформанси вградени позади голем дисплеј, нешто што досега се чинеше невозможно за изведба.
Покрај супер моќните компоненти, iMac Pro ќе биде опремен и со многу приклучоци, вклучувајќи четири Thunderbolt 3 порти, Ethernet порта со брзина од 10 GB и нормално Wi-Fi и Bluetooth. Моделот ќе биде опремен и со Face Time камера со Full HD резолуција. Ќе бидат достапни две големини на дисплејот – 21,5 инчен со 4K резолуција и 27 инчен со 5K резолуција. За прв пат за Apple компјутер, iMac Pro ќе поддржува и VR.
Но, која е цената за овој супер моќен „се во едно“ компјутер, кој многу лесно може да замени и цел сервер? „Само“ 4.999 долари за почетниот модел. Да, ова се чини како многу, но iMac Pro е дефинитивно револуционерен уред и како таков, засега е единствен на пазарот. Од друга страна, неможноста подоцна да го надградите, односно на пример да ја смените графичката, може да претставува проблем на подолг рок.
Извор: The Verge, TechnoBuffalo, TechCrunch