736243386622400_3

Трендот за ставање на дисплеи со допир во новите лаптопи со Windows 10 со сигурност нема да престане, но таквите лаптопи и натаму се подебели и потешки во однос на истите модели без можност за допир. Затоа, LG претстави нови дисплеи, наменети за лаптопите со големина од 15,6 и 14 инчи, кои се многу потенки и полесни.

Ова е постигнато благодарение на вградувањето на системот за капацитивен допир директно во екранот, Advance In-Cell Touch (AIT). Имено, досега производителите мораа да го вградат ваквиот систем над дисплејот, што ја зголемува неговата дебелина и тежина. Дисплеите на LG, ќе имаат до 35% пониска маса и ќе бидат до 25% потенки, што значи дека и новите модели на лаптоп со вакви дисплеи ќе бидат многу потенки.

Всушност, доколку сега се вгради ваков дисплеј во некој лаптоп, заштедата на маса ќе биде 200 грама, што не е за потценување и нешто кое со сигурност ќе ги направи многу попреносливи. Исто така, бидејќи нема дополнителна фолија за допир над самиот екран, овие дисплеи ќе бидат многу посветли, поостри и помалку рефлективни.

Дисплеите на LG ќе имаат резолуција од 1920х1080 пиксели и ќе се нудат во големини од 14 и 15,6 инчи. Корејскиот производител најави дека е веќе во преговори со неколку производители на лаптопи, што значи дека оваа технологија наскоро можеме да ја видиме и во некој нов модел.

Од LG најавија дека AIT технологијата планираат да ја понудат и на производителите на таблет – лаптопи со помали дисплеи, како на пример Surface Pro серијата на Microsoft.

Извор: Techno Buffalo

Претходна статијаHero 4 Session е најмалата акциона камера на GoPro досега!
Следна статијаСоМо Борач: Отворено пријавувањето, презентирани жирито и новите категории!