gsmarena_001

Бидејќи се работи за вест за HTC паметен телефон, кои и не се претерано познати по своите камери, ова ќе го земеме со мала резерва. Имено, тајванскиот производител на својот твитер профил најави дека нивниот нов знаменосец, кој ќе го носи името „10“, ќе има камери од „светска класа“ кои ќе бидат „први во светот“. На крај твитот завршува со „ќе видите“ што звучи прилично оптимистички.

Толкав оптимизам одамна не сме виделе од HTC и дури и камерите да не се најдобри, за купувачите е навистина добро што еден реномиран производител се враќа на големата сцена со бум.

HTC инаку најавува високо квалитетни „камери“, што значи дека истото ќе важи и за предната, кои кај останатите телефони во високата класа се само солидни, односно не нудат многу квалитетни фотографии.

Според досегашните информации, задната камера ќе има 12 мегапиксели, односно пардон, „ултрапиксели“ како што сака да ги нарекува HTC, алудирајќи на тоа дека пикселите се поголеми од оние на другите смартфони. Ова веројатно значи и дека самиот сензор ќе биде поголем, што е секогаш добар знак и најава за одлични перформанси и преку ден и навечер, со поголема острина и помалку шум. Предната камера пак ќе има 5 „ултрапиксели“ – одлична вест за селфи фановите.

10-ката на HTC ќе има и други адути во ракавот – според некои најави ќе може да работи со HTC Vive уредот за гледање и играње VR содржини, кој е многу понапреден од она што го нудат другите производители, односно има свој дисплеј и напреден систем за управување со објектите со гестови на рацете и сензори кои забележуваат движење низ просторот, кое потоа се префрла во виртуелната реалност.

Во внатрешноста, 10-ката ќе биде опремена со веројатно најмоќниот мобилен чип во светот во моментов, Snapdragon 820, кој ќе биде помогнат од 4 GB рам меморија и 32 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка. Дисплејот ќе има големина од 5,15 инчи во дијагонала и Quad HD резолуција, а после подолго време ќе биде AMOLED, што значи дека може да се очекува висок квалитет на сликата.

HTC 10 ќе доаѓа со вграден Android Marshmallow 6.0, облечен во Sense 8.0 скинот на HTC, кој во последните неколку генерации се покажа како многу лесен и употреблив, без непотребното претерување со апликации и можности, како што прави Samsung со својот скин.

Телефонот треба да биде претставен на почетокот од наредниот месец, но сигурно дотогаш ќе имаме уште по некоја интересна информација, па затоа следете не периодов.

Извор: TechnoBuffalo, GSMArena, TechTimes

Претходна статијаПреку 1 милијарда Android уреди со Qualcomm чип се лесна мета на хакерски напади
Следна статијаWindows 10 Mobile најавен за денес