lg-v20-2

Нашите паметни телефони денес имаат многу можности, меѓу кои и слушање музика, секако. Сепак, квалитетот кој го продуцираат е далеку од она на што бевме навикнати во времето на CD-ата и освен неколку исклучоци, досега скоро и да немаше смартфон кој продуцираше квалитетен аудио звук. LG V20 ќе се обиде да го промени ова – неговиот претходник V10 веќе имаше најдобри аудио перформанси на пазарот, но според Корејците, новиот модел ќе направи уште поголем исчекор пред конкуренцијата.

Ние ова претходно го најавивме – дури и самите LG потврдија дека ќе лансираат телефон насочен кон аудио ентузијастите. За таа цел, новиот V20 има „дигитален во аналоген“ конвертер на четири нивоа, кој ќе се погрижи за чиста и верна репродукција на звукот, како и дополнителен засилувач, кој ќе може да ги „наполни“ дури и големите студиски слушалки, кои на другите паметни телефони звучат мизерно.

lg-v20-

Ова секако ќе треба да го пробаме во живо за да се увериме, но според оние кои веќе приклучија слушалки на неговата промоција, се работи за аудиофилски ѕвер, на што дополнително тежина дава тоа што е сертифициран од Bang&Olufsen и што поддржува аудио датотеки со висока резолуција, како на пример FLAC..

Како и претходникот, V20 ќе биде насочен и кон квалитетно снимање на видео, особено на звукот од видеото. LG во уредот има вградено три микрофони со висока дефиниција, кои нема да го дисторзираат звукот дури и ако снимате на концерти со телефонот и чиј звук ќе може да се контролира во текот на снимањето, преку „професионалната“ апликација за снимање. Секако, телефонот поддржува снимање во Ultra HD, што го прави еден навистина способен уред за оние кои сакаат да почнат со снимање видео а немаат голем буџет.

lg-v20

Останатите спецификации се нешто очекувано – Snapdragon 820, 4 GB рам меморија, 64 GB простор и 5,7 инчен дисплеј со Quad HD резолуција. Како и кај V10 и V20 има дополнителен дисплеј од 2,2 инчи во горниот дел, кој може да прикажува најразлични информации дури и кога телефонот е заклучен, без да троши дополнително од батеријата. Телефонот е инаку изработен од алуминиум, но за разлика од сите такви уреди досега, има променлива батерија од 3.200 mAh, што е одлична вест.

Камерите се исто така одлични – назад е истата комбинација од LG G5, односно сензор со 16 мегапиксели, f1.8 бленда и нормален агол и уште една камера со сензор од 8 мегапиксели, f2.4 и ултра широк агол, додека во предниот дел селфи камерата има 5 мегапиксели и f1.9 бленда. Во задниот дел е вграден и читач за отпечатоци на прстите, а LG ветува и отпорност на паѓање и шокови со MIL-STD спецификација, што значи дека дисплејот ќе остане жив дури и ако телефонот добро ви „тресне“ на земја.

v20

Ова е и првиот телефон кој доаѓа со вграден Android Nougat 7.0 уште од фабрика, што само го заокружува високиот впечаток за овој смартфон, кој дефинитивно е во класа за себе, односно нема ниту еден директен противник. Цената сѐ уште не ни е позната, но очекувајте да биде достапен во салоните наскоро и тоа во три различни бои – темно сива, сребена и розова.

Извор: The Verge, Engadget, GSM Arena

Претходна статијаGoogle повторно ќе лансира “Pixel” таблет со големина од 7 инчи
Следна статијаWelt е паметен ремен кој може да ги мери Вашите чекори и обемот на струк