op2-2.1-1

OnePlus One беше и се уште е еден од најпопуларните телефони од високата класа, пред се благодарение на ниската цена, придружена со одличните перформанси и високиот квалиет на изработка. Новиот модел ќе има малку повисока цена, но затоа ќе има многу подобри спецификации.

Така, ова ќе биде еден од првите телефони на пазарот со 4 GB рам меморија, што е повеќе и од Samsung Galaxy S6 и HTC One M9. Меморијата ќе биде од најновата LPDDR 4 генерација, што значи дека ќе биде побрза и ќе троши помалку енергија. Процесорот најверојатно ќе биде Snapdragon 810, но со подобрена архитектура, која ќе овозможи подобри перформанси при максимален напор, односно многу помалку загревање, по кое овој чипсет стана многу непопуларен.

Покрај тоа, телефонот ќе биде еден од првите со USB Type-C порта, која за разлика од micro USB портата е симетрична, што значи дека веќе нема да мора да мислите дали кабелчето ќе го ставите наопаку. Со оваа порта и преносот на податоци ќе биде многу побрз, а преку нејзе ќе можат да се приклучат и многу други надворешни компоненти. Според информациите, OnePlus 2 ќе има и читач на отпечатоци за прсти, кој веќе станува морален во највисоката класа.

Екранот на OnePlus 2 ќе биде 5,5 инчи во дијагонала и ќе има Full HD резолуција, што е веројатно делот каде е направена најголемата заштеда. Сепак, ова веројатно не е нешто кое ќе може да го забележи корисникот, бидејќи разликата до Quad HD и не е видлива со голо око. Батеријата пак ќе има капацитет од 3300 mAh, што е на нивото на конкурентите во класата.

Сите овие подобрувања значат и дека новиот телефон на OnePlus ќе чини повеќе од претходникот, кој има цена од 350 долари. Сепак, покачувањето нема да биде големо и со цена од 450 долари, OnePlus 2 и натаму ќе биде многу, многу поевтин од главните конкуренти, односно повеќе од 200 долари, што не е мала разлика, особено бидејќи спецификациите на самиот телефон ќе бидат врвни.

Извор: The Next Web, Techno Buffalo

Претходна статијаFacebook со подобрени контроли за тоа што сакате да гледате на вашата листа со новости
Следна статијаiBackPack – модерна верзија на ранецот за на грб