Компанијата која беше позната по тоа што прави евтини смартфони од високата класа, но различни од конкуренцијата и во многу погледи уникатни, сега изгледа одлучи да ја искористи популарноста на iPhone на светскиот пазар за дизајнот на својот нов смартфон OnePlus 5.
Имено, тие ја објавија првата фотографија од новиот знаменосец , кој треба да биде претставен на 20 јуни, директно на Твитер. На неа се гледа горната половина од задниот дел на телефонот, која доколку имаше лого на Apple лесно ќе ја згрешевме за некој нов модел на iPhone.
Всушност, освен страниците на телефонот, кои се малку позасечени од тие на iPhone 7 Plus, се друго е исто – двојната камера е вертикално поставена, а линиите за антената се закривени по краевите на телефонот.
A continuous hard edge, refined over 3 years. https://t.co/KVXBWmhBt8 pic.twitter.com/KBNppQ0R0U
— OnePlus (@oneplus) June 8, 2017
На позитивната страна, OnePlus 5 ќе биде најмоќниот Android смартфон досега – процесорот ќе биде Snapdragon 835 помогнат од масивни 8 GB рам меморија за мултитаскинг на највисоко ниво. Карл Пеи, извршниот директор на компанијата, најави и висок квалитет на двојната камера, за која работат заедно со DxO Mark, како и исклучително квалитетно аудио снимање при видео, нешто што е слабост кај многу смартфони.
Секако, главниот адут OnePlus 5 повторно ќе биде цената, која ќе изнесува околу 500 долари. Ова веќе не е толку ниско како претходните модели, но за смартфон со вакви перформанси е и натаму исплатливо и исто така, поевтино е за 25-30% од етаблираната конкуренција.
Извор: TechCrunch, PhoneDog, Engadget