OnePlus е еден од најинтересните производители на смартфони на пазарот. Имаат само еден модел во понудата (OnePlus 3T), но се и тоа како популарни кај корисниците кои сакаат максимум перформанси за малку пари, вклучувајќи тука и врвна изработка и одлична камера. Неговиот наследник ќе биде OnePlus 5, кој според сите информации кои ги имаме досега, ќе биде подобар на секое поле.

Имено, скоро сигурно тој ќе има двојна камера, нешто што го најавуваат протечени фотографии од кинеската мрежа Weibo. Секако, ова не мора да значи дека тоа се реалните фотографии од паметниот телефон, но реално е очекувањето за двојна камера.

Исто така, скоро е сигурно и дека процесорот ќе биде Snapdragon 835, помогнат од 6 или 8 GB рам меморија, додека дисплејот ќе порасне на Quad HD резолуција, што ќе биде огромен трн во окото на етаблираната конкуренција која со оваа спецификација се дистанцираше од OnePlus.

Покрај перформансите, како и досега многу голем адут на OnePlus 5 ќе биде цената, која би изнесувала околу 450 долари за основниот модел (моделот со 8 GB веројатно ќе се доплаќа). Ова е исклучително достапно за телефон кој ги има овие перформанси и квалитетна изработка. Да, очекувајте и телото на OnePlus 5 да биде изработено од поскапи материјали.

Кога на сето ова ќе се додаде дека OnePlus е прилично брз со надградбите на Oxygen OS оперативниот систем на своите паметни телефони (базиран на Android секако), скоро сигурно повторно ќе имаме победник.

Извор: TechnoBuffalo, TechRadar, BGR

Претходна статијаMicrosoft Graph е мост меѓу вашиот смартфон и компјутер
Следна статијаZ4 е “Tizen OS” знаменосецот на Samsung, со ужасно слаби спецификации