Во јануари оваа година Microsoft најави дека корисниците на најновите Skylake процесори од Intel ќе мора да ги надградат своите компјутери на Windows 10 до 17-ти јули 2017, по што веќе нема да добиваат надградби, освен основните „критични“.
Ова се разбира важи за корисниците на се’ уште поддржаните верзии од Windows, а тие се Windows 7 и Windows 8.1.
За поновите процесори коишто ќе излезат оваа година, поддршката ќе биде директно само за Windows 10 системите.
Сепак, поради жалби од корисниците, поточно од тие од компаниите, Microsoft реши да го продолжи рокот за плус уште една година, па тој сега е до 17-ти јули 2018.
Со ова корисниците ќе имаат дополнителна година да го испланираат нивното префрлување на Windows 10, се разбира за тие кои воопшто тоа го планираат. Доколку решат да останат на постарите верзии од Windows ќе добиваат само сигурносни надградби до крајот на официјалната поддршка за конкретната верзија од оперативниот систем.
За Windows 7 тоа е 14-ти јануари 2020, додека за Windows 8.1 е до 10-ти јануари 2023.