Qualcomm, најголемиот производител на мобилни чипови, сака да ги оддели процесорите од високата класа од оние од ниската и тоа не само со бројки. Наместо Snapdragon 200, 210 или 220, најслабите процесори на производителот ќе го носат името Qualcomm Mobile.
Вака, купувачите веќе нема да може да ги погрешат процесорите. Често се има случувано луѓе кои не се толку упатени да очекуваат високи перформанси од некој чип само поради тоа што има Snapdragon во името, кое последниве скоро една деценија е синоним за високи перформанси и брзина. Со Snapdragon 200 линијата, добивате се само не високи перформанси.
Токму тоа е објаснувањето од Qualcomm – тие планираат со новото име подобро да ги дистанцираат поевтините од поскапите чипови. Исто така, Snapdragon процесорите ќе бидат оние кои ќе ги донесуваат најновите технологии на пазарот, како на пример виртуелна реалност, изменета реалност, супер високи 4G/5G брзини итн.
Покрај промената на името, тие нагласуваат дека нивните Snapdragon чипови не се само процесори, туку дека покрај тоа, тие се спој на хардвер, софтвер и сервиси. Затоа, отсега на Snapdragon линијата ќе се реферира како платформа, наместо процесор. На пример, Galaxy S8 ќе биде базиран на Snapdragon 835 платформата, која е првата на Qualcomm со големина на транзисторите од 10 nm.
Извор: ZDNet, TechCrunch, NDTV