Пред нешто повеќе од една година, Microsoft ги зголеми ограничувањата на OneDrive до степен кој што навистина привлече внимание. Корисниците на некоја од претплатите за приватни корисници на Office 365 од 1 TB, добија неограничен простор, додека бесплатниот простор за корисниците само на OneDrive беше покачен на 15 GB.
Оваа недела преку OneDrive блогот Microsoft информира дека ги откажува тие промени и истите ги намалува. Така, неограничениот простор ќе биде вратен на поранешните 1 TB, додека бесплатниот простор за корисниците на OneDrive се намалува на 5 GB.
Причината за оваа одлука е поради тоа што Microsoft го гледа овој сервис како место каде што корисниците ќе ги чуваат своите слики и документи, како и одредени фајлови. Со други зборови OneDrive е сервис за продуктивност, а не за екстремно бекапирање на податоци, како што истакнуваат во нивниот блог.
Одредена бројка на корисници сепак буквално го имаат искористено добиениот неограничен простор, па тие ги имаат бекапирано целосно нивните компјутери, филмска колекција и слични податоци и со тоа потрошиле по повеќе од 75 TB простор по корисник. Тоа, истакнуваат од Microsoft, е 14.000 пати повеќе од просторот што го користи обичниот корисник.
Оваа промена повеќето корисници нема да ја забележат поради тоа што и просторот од 1 TB е нешто што ретко кој може и да му се доближи. Најмногу погодени ќе бидат корисниците кои што го користат OneDrive за чување на се што имаат на нивните компјутери, а посебно бесплатните корисници кои што ги чуваат нивните слики и документи.
Покрај овие промени, пакетите од 100 и 200 GB ќе бидат укинати и на нивното место ќе биде само еден пакет од 50 GB кој што ќе чини 1,99 долари месечно.
Промените се најавени за почетокот на идната година, а корисниците кои што ги надминуваат ограничувањата ќе бидат навремено известени. Тие исто така ќе можат да пристапат до своите фајлови уште 12 месеци од воведувањето на промените, па ќе имаат доволно време да одлучат би правеле со своите податоци.
Оваа одлука може да се каже дека, иако маркетиншки незамислива, не е толку за изненадување. Доколку се земе во предвид политиката на компанијата, очигледно е дека OneDrive како сервис се гледа како место кое што треба да ги поврзе уредите со кои што работи еден корисник. Тука не влегува бекапирањето на цели системи и големи фајлови.
Се разбира просторот кој што и понатаму се нуди е доволно голем за бекапирање на работата на корисниците, сепак OneDrive се промовира како сервис за продуктивност, меѓутоа не и за чување на филмската колекција на одредени корисници.
Изгледа дека маркетиншкиот потег за зголемување на популарноста на сервисот се покажа како успешна само за корисниците кои што сакаат да искористат што повеќе од тоа што им е дадено на располагање.
Извор: OneDrive Blog, Cnet, ZDNet