GravWaves_0

Во една епска вест од науката за која Ајнштајн сега би ни рекол „Ви реков“, гравитационите бранови беа потврдени. Инаку, тие беа поставени како теоретски можни во неговата Теорија на релативитет. Интересното е што потврдата дојде веднаш по објавувањето на нашиот текст кој се бавеше повеќе со истечени информации околу ова откритие – но самото не беше потврдено.

Што се гравитациони бранови

xqr9ohidgkke5idvznkm

За да не се повторуваме со претходниот текст, пред се` ве упатуваме да го прочитате бидејќи во него ќе најдете малку пошироко објаснување околу природата на гравитационите бранови.

Во основа, според Теоријата на релативитет масивните објекти како планети и црни дупки го виткаат просторот околу нив, и колку поголема маса имаат толку посилен е тој ефект. Тој ефект е всушност гравитацијата која не ви дава да „забиете“ на кошарка.

Кога два огромни објекта (како две црни дупки) ќе се најдат во некаква интересна конфигурација на пример во некој меѓусебен орбитерски танц, тогаш тие предизвикуваат виткање на просторот кон себе, но бидејќи често имаат неправилна патека на движење, на некои места просторот се тегне кон едниот објект, на други кон другиот, и ова предизвикува места на набивање и истегнување на просторот. Овој феномен го нарекуваме гравитациони бранови.

Тие патуваат до Земјата и нашата задача е да ги откриеме. Тоа во моментов го сторивме со LIGO (Laser Interferometer Gravitational-wave Observatory) и го потврдивме со доверба од малку повеќе од 5-сигма, што е границата прифатлива да се прогласи некое откритие за релативно сигурно.

Како е ова откритие значајно за науката

25d09e4da11a4f69f5350088697e8540
Дел од тимот кој работи на LIGO и кој учествувал во откритието

За тој што ги следи овие работи веќе му е јасно каков ефект ова откритие ќе има врз нашиот космолошки модел. За останатите, читајте понатаму.

Имено, постојат две конкурентни теории за космосот – Теоријата на релативитет и Квантна теорија на поле. Тие во главно си одговараат една на друга бидејќи Теоријата на релативитет се бави со феномени на макрониво (планети, црни дупки, супернови итн.), а Квантната теорија на поле на микрониво (интеракции меѓу атоми и нивни составни делови како кваркови, муони, лептони и сл.).

За жал, двете теории не се „трпат“ кога се работи за гравитацијата. Ајнштајн предложи дека масивните објекти го виткаат просторот кон себе и така ја „создаваат“ гравитацијата, а Квантната теорија на поле обично предложува честичка наречена гравитон која го остварува ефектот на гравитација.

angara-7-heavy-lift-Adrian-Mann1
Ракети кои лансираат сателити кои ви кажуваат каде е Струмица – нешто невозможно да се направи ако не се вложува во науката

Откритието на гравитационите бранови би значело додавање кредибилитет кон Теоријата на релативитет, иако не изречно отпишување на Квантната теорија на поле, особено зошто последнава објаснува еден куп феномени кои ги гледаме без разлика што гравитацијата не ја има „под контрола“. Можно е во следните неколку декади да гледаме обиди за нивно помирување, на пример преку предложување на гравитон кој се создава при виткањето на просторот…?

Другиот позитивен ефект за науката ќе биде овоземски. Имено, многу од луѓето почнуваат да се сомневаат дали науката и вложувањето во неа има придонеси за човештвото. Ваквите откритија водат кон демантирање на таквите сомнежи. Впрочем, и GPS/Глонасс сателитите работат користејќи ја Теоријата на релативитет за да се синхронизираат и да можат прецизно да ви кажат каде сте на мапата – нешто што немаше да биде можно ако не вложувавме средства во оние умни глави кои прават вакви епски откритија.

Дополнителни информации: IFLScience, Gizmodo, Orlando Sentinel, Yahoo

Претходна статијаQualcomm претстави нови чипови од средната класа со многу помоќна графика
Следна статијаСмартпортал неделник 8-14 февруари 2016