slidenjoy-970-80

Повеќето од нас веќе работат на компјутер и веројатно имаат лаптоп. Лаптопите се одлични и со текот на времето ги достигнаа (а некаде ги престигнуваат) карактеристиките од „обичните“, фиксни компјутери. Имаат одлични графички карти, добри тастатури, тракпадови, имаат USB порти за надворешни уреди, голем простор… Нешто што е конкретно проблематично на ова поле е големината на екранот.

Имено, лаптопите не можат баш да се пофалат со големи екрани. Некои производители ова го решаваат со сместување поголема резолуција во веќе постоечките 15 или 17-инчни екрани, некои со зголемување на лаптопот (и неговата цена) на 17 инчи, а некои препорачуваат користење на надворешен екран со помош на VGA или HDMI портите сместени по страната. Сепак, идеите за подобрување на состојбата со приказот кај лаптопите не застанува тука.

Токму тоа го докажува една млада белгиска компанија наречена Sliden’joy која ќе започне Kickstarter проект за производство на проширување на вашиот екран кој може да го закачите на самиот лаптоп. Се работи за парче хардвер кое го закачувате на веќе постоечкиот екран и кое е составено од еден или два дополнителни екрана, по ваш избор. Овие дополнителни екрани ги „истегнувате“ од основната позиција. Тие се поставуваат лево и десно од оригиналниот екран и овозможуваат имање на дури 3 екрани во исто време! Секој екран може независно да се движи, па со нив можете да им покажете нешто на луѓето зад лаптопот со тоа што едноставно ќе го свртите едниот или двата екрана накај нив. По користењето екраните можат да се склопат во компактна кутија и заедно со лаптопот да се пренесат на друго место.

Екраните се врзуваат со вашиот компјутер преку USB 3 (еден кабел) или USB 2 (два кабли) портите, а компатибилни се со Windows и со OSX (а претпоставуваме и со некоја мала модификација и со Linux). За точно како изгледа работењето со Sliden’joy можете да го погледнете нивното видео погоре.

Цената на екраните ќе започне со 100 евра за еден екран до 199 евра за два, што и не е така голема сума имајќи предвид каква функционалност ќе ви овозможи овој интересен проект. Kickstarter кампањата се` уште не е започната, но можете да се пријавите на нивната веб-страна за да ве известат преку е-пошта кога ќе започне. Воедно, можете и да ги следите на нивната Facebook страна каде често даваат известувања за нови стадиуми во подготовката или за наградни игри.

Во секој случај одлична идеја за која, како и за некои други, се прашуваме: како на никој не му текна ова досега?

Извор: TechRadar, Sliden’joy

Претходна статијаНаучниците создадоа холограм кој може да се допре
Следна статијаDropbox ќе нуди бесплатен простор за вклучување на дво факторска автентикација