Компанијата Beeper, поточно малолетниот jjtech, го постигнаа тоа што повеќе се обидуваа, директен пристап до iMessage сервисот преку „обратно инженерство“ на протоколот.
Beeper Mini, новата апликација од компанијата, им овозможи на Android корисниците вистинска комуникација со нивните iPhone пријатели, исто како и тие да имаат iPhone.
Само два дена по пуштањето на Beeper Mini, истата престана да функционира, односно комуникацијата со серверите на Apple е прекината. Јасно стана дека зад ова стојат Apple, а од компанијата го потврдија тоа со изјава од нивна страна.
„Во Apple, ги градиме нашите производи и услуги со водечки технологии за приватност и безбедност во индустријата, дизајнирани да им дадат на корисниците контрола на нивните податоци и да ги чуваат личните информации безбедни. Презедовме чекори за да ги заштитиме нашите корисници со блокирање на техники кои ги искористуваат лажните акредитиви за да добијат пристап до iMessage. Овие техники претставуваа значителни ризици за безбедноста и приватноста на корисниците, вклучувајќи го потенцијалот за изложување на метаподатоци и овозможување несакани пораки, спам и фишинг напади. Ќе продолжиме да правиме ажурирања во иднина за да ги заштитиме нашите корисници.“
Тоа што го тврдат од компанијата е точно, односно апликацијата Beeper Mini лажно го регистрира бројот на корисникот како да е вклучен на iPhone, иако тоа не е случајот.
Од Beeper прво го вратија пристапот на нивната друга, Beeper Cloud апликација, која користи Apple компјутери за поврзување со iMessage, па изјавија дека работат на враќање на функционалноста на Beeper Mini.
Од компанијата сметаат дека тие имаат право на тоа што го прават и дека тие на тој начин ја заштитуваат приватноста на Android корисниците кои на овој начин можат да комуницираат преку заштитен протокол.
Исто така, тие заедно со уште неколку организации, сметаат дека Apple треба да го сподели пристапот на iMessage, иако се работи за приватна технологија ексклузивно достапна на производите од компанијата.
Дополнително, грижите за приватноста ќе завршат идната година кога Apple ќе ја додаде поддршка за RCS протоколот, за кого во меѓувреме ќе се додаде и шифрирање на пораките, по што Android и Apple корисниците ќе имаат безбедна комуникација.
Уште една логика останува кога е во прашање приватноста, корисниците секогаш може да се одлучат да комуницираат преку некоја од другите апликации кои не се ексклузивни за некоја од платформите, па не мора да се комуницира преку стандардните SMS апликации.