Педесет години по собирањето на првите примероци од почвата на Месечината, научниците од Универзитетот на Флорида успешно ги искористија за да откријат дали во нив може да се засади и израсне растение.
Растението кое е користено во овој експеримент е „Arabidopsis thaliana“, кое е растение карактеристично за Евроазија и Африка, а е поврзано со растенијата како тие од брокули, карфиол и слични. Ова растение е доста мало и лесно за одгледување и поради тоа многу често се користи во различни експерименти.
Примероците од „реголитот“, односно од почвата на површината од Месечината, се собрани од неколку мисии, односно Apollo 11, 12 и 17, а искористени се само 12 грама, доволно за да може да се изврши експериментот.
Користени се примероци од различни локации на Месечината, а исто така направена е и контролна група на растенија засадени во вулканска пепел за да може да се направи споредба.

Два дена биле потребни за да почнат да никнуваат растенијата, а после шест дена веќе можеле да се донесат заклучоците и споредбите со контролната група. Иако растенијата успеале да израснат, видно било дека тие различно растат, односно побавно и имале поразлични листови, некои од нив со црвена нијанса.
Дваесет денови по засадувањето, односно пред да почнат да растат цветовите, научниците ги мелеле растенијата со цел да ја проучат нивната RNA. Заклучоците од овој дел од истражувањето покажал дека тие навистина растат потешко и со проблеми, слично за непогодни околини, односно почва која е богата со сол и тешки метали.
„Ова истражување е од клучно значење за долгорочните цели на НАСА за човечко истражување бидејќи ќе треба да ги користиме ресурсите пронајдени на Месечината и Марс за да развиеме извори на храна за идните астронаути кои живеат и работат во вселената. Ова фундаментално истражување за растот на растенијата е исто така клучен пример за тоа како НАСА работи на отклучување на земјоделските иновации кои би можеле да ни помогнат да разбереме како растенијата можат да ги надминат стресните услови во областите со недостиг на храна овде на Земјата“. – истакна администраторот на НАСА, Бил Нелсон.