Уредите за консумирање виртуелна реалност, како Oculus Rift, стануваат се почести на пазарот. Но, корисниците засега се ограничени на само неколку игри на нив, без многу видеа и филмови, бидејќи бараат целосно нов начин на снимање. GoPro, во соработка со Google, ќе се обиде да го смени ова, со специјален сет од 16 GoPro камери.
Уредот се објаснува прилично лесно – сите камери снимаат едно фантастично големо 3D видео со 8K резолуција при 30 fps. Под фантастично големо мислиме дека ја фаќа апсолутно целата околина, односно опкружувањето. Odyssey се состои од вкупно 16 GoPro Hero 4 камери, што е доволно за креирање виртуелно опкружување.
Досега, оние кои снимаа вакви видеа беа ограничени на уреди кои ги правеа самите. Едноставно е се ставаат неколку камери во круг и се снима целата околина. Тогаш, што е она што го прави Odyssey различен? Токму делот кој го работи Google. Имено, спојувањето на тоа видео на компјутер подоцна може да трае со денови и резултатот и натаму да не биде идеален.
Затоа, во Odyssey е вграден специјален софтвер Google Jump, кој не само што ги спојува видеата, туку прави и 3D ефект. Ова не само што многу ќе ја олесни работата на оние кои сакаат да почнат да работат со виртуелни видеа, туку според GoPro, вади и многу поприродни резултати, односно гледачот ќе се чувствува како навистина да е таму, независно од тоа како ќе ја врти главата.
И ако некои од вас помислија да вложат во Odyssey, не се надевајте дека можете да го имате набрзо, бидејќи во почеток ќе се испорача само на некои избрани сниматели и режисери. Идејата е веројатно се што ќе се сними на него да изгледа перфектно, за потоа да нема лош маркетинг. А, да, ќе чини околу 15.000 долари.
На видеото подолу можете и да искусите како би изгледало едно виртуелно видео снимено со Odyssey во очите на корисникот. Оние со паметен телефон можат да го вртат наоколу за да ја гледаат околината од различни агли (работи само со некои модели, уште подобро со Google Cardboard), додека оние на компјутер можат да го користат маусот.