Денес некако стана мода големите производители на паметни телефони сами да ги произведуваат и чиповите за телефоните – Apple го има A9, Samsung го има Exynos, додека Huawei го има Kirin. Нив веројатно ќе им се придружи и LG со Nuclun, кој би требало да се вградува во наредната верзија на телефонот V10.
LG веќе произведе прва генерација на нивниот процесор Nuclun, кој се вградуваше во некои варијанти на моделот G3 (G3 Screen, на фотографијата), но истиот помина скоро незабележано на светскиот пазар и дефинитивно не беше доволно моќен за да се вгради во поновите генерации на телефоните на производителот.
И покрај тоа што би требало да биде прилично помоќен, новиот процесор Nuclun 2 веројатно нема да го видиме во LG G5, кој треба да биде претставен во април наредната година, туку во наследникот на V10, телефонот со дополнителен дисплеј, кој ќе биде претставен веројатно на крајот од летото наредната година. Причината за ова е што развојот не тече со планираната брзина.
Процесорот на LG скоро сигурно ќе биде со делумно променет дизајн на стандардната ARM архитектура со четири Cortex A72 и четири Cortex A53 јадра, која ја користат сите производители на чипови за преносните уреди, освен Intel, кој и натаму ја користи x86 архитектурата. Производството на Nuclun 2 ќе се врши во погоните на тајванскиот TMSC, кој прави и Apple A9 чипови, со големина на транзисторите од 16 nm.
Според најавите, чипот на LG веројатно ќе биде побрз од Kirin 950 на Huawei, што и не е некое големо постигнување – доколку биде лансиран наредната година, ќе треба да се натпреварува со многу помоќни чипови, како Snapdragon 820, Exynos 8890 и Apple A10. Како нивни противник, веројатно некаде на крајот на наредната година, ќе биде лансиран Nuclun 3 чипот, што е во време кога конкурентите со сигурност ќе ја имаат спремно новата генерација.
За да може подлабоко да ги помести работите во производството на чипови, LG сигурно ќе мора да реагира многу побрзо – денес во мобилната телефонија еден голем производител не смее да си дозволи да ги брка другите. Сопствен процесор или не, LG не смее да заостанува во перформансите зад конкурентите ако сака да биде успешен, макар и тоа што ја имаат контролата на дизајнот на хардверот и софтверот и веројатно ќе придонесе за оптимизиран смартфон.
Извор: Ubergizmo, GSMArena, Android Authority