Корејскиот гигант во последното тримесечје од минатата година го доживеа веројатно најголемиот дебакл во својата историја. Нивниот знаменосец смартфон Galaxy Note 7 имаше батерија која експлодираше во прилично многу случаи. Производителот се одлучи на промена на „дефектните” батерии, само да се открие дека и тие се самозапалуваат и експлодираат. Наредниот чекор беше повлекување на телефонот од пазарот и враќање на пари на оние кои веќе го купиле. Сега, неколку месеци подоцна, Samsung конечно објави што беше проблемот со батериите во Note 7 и дали само тие придонесуваа за експлозијата.

Според она што тие го објавија, а пронајдоците се прилично длабоки, може да се извлече заклучок дека избрзале со производството на телефонот. Поголемиот дел на грешки кај батериите се појавени во самото производство, но и во развојниот процес не било посветено доволно време за да се тестираат помалите толеранции во телефонот. Да потсетиме, Galaxy Note 7 беше телефонот со најмала рамка околу дисплејот и пенкалце кое се вградува во него. Ова го скратува просторот за другите компоненти и за да стават поголема батерија, Samsung морале да работат со многу потесни толеранции, што може да донесе до многу проблеми ако не се димензионира доволно добро.

Во превод, проблемот вистински бил во батериите, но индиректно, самиот дизајн на телефонот исто така придонел за тоа. Но, да почнеме од почеток. Првиот тип на батерија која правеше проблем и експлодираше, односно се самозапалуваше имала проблем со самиот дизајн. Имено, на аглите од батеријата доаѓало до оштетување на негативните електроди во неа поради тоа што немало доволно заштита, односно доволно простор за да се заштитат електродите од оштетување. И за сето ова не треба вистински да се оштети батеријата – таа го менува волуменот со полнење/празнење.

Вторите батерии пак, односно оние кои Samsung ги пушти како безбедна промена за корисниците, имаа друг проблем. Кај нив проблемот е во процесот на производство, односно при заварувањето. Поради недоволното прецизно заварување и тука доаѓало до краток спој меѓу позитивните и негативните електроди, што притоа придонесува за зголемување на температурата на батеријата.

Samsung повторно искрено се извини на своите купувачи, но и на целата јавност. Нивните пронајдоци се прилично длабоки и делува како тие да немаат што да скријат, што е добра вест. Уште подобра вест е што тие ветија и дури и детално го опишаа начинот на кој ќе ги тестираат батериите во иднина за никогаш да не се случи овој проблем.

Имено, тие најавија дека секоја батерија за новите модели на Samsung ќе биде тестирана на 8 нивоа. Прво, испитувањето почнува со тест на издржливоста на батеријата преку преполнување, дупчење и изложување на екстремни температури. Потоа, продолжува со визуелна инспекција на батеријата и рентген инспекција која може да покаже како изгледа батеријата однатре.

Четвртиот чекор е полнење и празнење на батериите многу пати, додека петтиот чекор е да се провери дали некоја од компонентите на батеријата кои можат да предизвикаат оштетување на органското ткиво (TVOC) можат да истечат од батеријата. Потоа, испитувањето продолжува со отворање на батеријата и внатрешна инспекција и забрзано нејзино користење кое го имитира начинот на кој корисниците ги употребуваат своите смартфони. На крај, Samsung ја испитува и промената на напонот кај секоја надворешна компонента, со цел да се анулира можноста некоја од нив да може да ја прегрее батеријата.

Сите овие промени кои ќе ги направи Samsung во процесот на развој и производство на своите смартфони сигурно нема да можат веднаш да ја вратат довербата кај голем дел на купувачите. Сепак, факт е дека тие се веројатно првите со толку длабоки и детални методи на тестирање на батериите во своите паметни телефони и слободно можам да кажам дека во иднина би требало да се најбезбедни. Да потсетам, литиум-јонските батерии кај сите уреди се прилично проблематични и се случува да експлодираат во екстремни случаи, како при паѓања на телефонот или пак големи температурни разлики.

Секако, ова треба да биде поука за сите – бидете претпазливи со вашиот телефон и секој уред кој има вградена литиум-јонска батерија.

Извор: Techno Buffalo, Engadget, The Next Web, Android Authority

Претходна статијаТурбина имитира колибри и произведува зелена енергија
Следна статијаNokia спрема гигантски 18,4 инчен таблет со Snapdragon 835 и Android?