eff-sms

Живееме во време кога веќе на сите ни е јасно дека скоро целата комуникација која што се одвива на интернет е следена на некаков начин од страна на владините агенции. Најмногу обвинувана за ова е американската NSA, чии што активности беа обелоденети од страна на веќе познатиот Edward Snowden. Објаснувањата на агенциите за следењето на комуникациите е потребата од откривање на криминални и терористички активности, меѓутоа се поставува прашањето дали за тоа е потребно да имаат пристап до сите корисници, а не само тие кои што се осомничени.

Можеби единствениот начин за корисниците до некаде да ја вратат довербата во сервисите и апликациите за комуникација е тие да веруваат во мерките за заштита кои што се имплементирани во нив.

Дали и колку од одредени сигурносни мерки се карактеристика на апликациите кои што денеска се користат за комуникација е истражувано од страна на EFF – Electronic Frontier Foundation. EFF е непрофитна организација која што се занимава со одбрана на граѓанските слободи во ова дигитално време.

Во истражувањето се земени 39 апликации кои што се оценувани врз основа на следните 7 критериуми: Енкрипција на комуникацијата во транзит, енкрипција за да комуникацијата не може да биде прочитана од интернет провајдерот, можност за верификација на идентитетот на контактите, безбедност на старите разговори во случај на крадење на клучевите за енкрипција, отвореност на кодот за независна проверка, документираност на безбедносните мерки и дали е извршена ревизија на кодот.

Screenshot 2014-11-06 18.09.03

Од резултатите може да се види дека апликациите кои што имаат најмногу од овие критериуми, не се од тие кои што масовно се користат. Од масовно користените најдобри оценки имаат FaceTime и iMessage од Apple. Facebook Chat, Google Hangouts, Viber и WhatsApp иако вклучуваат енкрипција во транзитот, тие немаат енкрипција на комуникацијата за да таа не може да биде прочитана од провајдерот. Skype апликација која што е исто така доста користена кај нас покрај горенаведените апликации, вклучува енкрипција во транзит и енкрипција за провајдерот, меѓутоа не ги вклучува останатите 5.

Најдобро рангирани, односно апликации кои што ги имаат сите 7 оценки се ChatSecure, CryptoCat, Signal/Redphone, Silent Phone, Silent Text и TextSecure.

Целта на ова истражување, како што истакнуваат од EFF, е да ги информира корисниците да знаат што користат во секојдневната комуникација, а во исто време да ги мотивира компаниите да имплементираат подобри безбедносни мерки.

„Ние сме фокусирани на подобрување на алатките кои што на корисниците секојдневно им се потребни за да комуницираат со пријателите, членовите на семејството и колегите. Се надеваме дека ова истражување ќе започне „трка до врвот“, поттикнувајќи иновација на посилна и поупотреблива криптографија.“ – рече Nate Cardozo дел од адвокатскиот тим во EFF.

Извор: EFF, EFF Secure Messaging Scoreboard, ZDNet

Претходна статијаВселенското ѓубре ќе се уништува со ласер
Следна статијаAmazon Echo, мал паметен асистент за вашиот дом
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.