Понекогаш енкриптирањето пораки не е доволно, па и самиот чин на праќање исто така треба да биде сокриен. За таа цел изичарите открија начин за камуфлирање на пораки при тоа гарантирајќи дека пораките ќе останат сокриени.
Светот на криптографијата доживеа вистинска револуција во последните неколку години. Причина е појавата на техники кои ги искористуваат законите на квантната механика за испраќање на пораки со совршена тајност. Таканаречената квантна криптографија осигурува дека преслушкувач не може да декодира порака, а гаранција се законите на физиката.
Но доколку не смее да постои ризик преслушкувач да дознае дека воопшто била испратена порака, потребен е прикриен комуникациски систем. Тоа е идејата на новиот експеримент спроведен од тим истражувачи на Универзитетот во Massachusetts. Истражувачите открија метод со користење на фотони кој ја прави пораката невидлива за сите, освен за примачот за кој е наменета.
Науката позната како стеганографија или прикриени комуникации е стара колку и криптографијата, но таа нема добиено многу внимание во изминатите години. Оваа ситуација се има променето, благодарение на работата на Boulat Bashод од Универзитетот во Massachusetss, кој со својот тим успеа да камуфлира пораки на начин кој е математички загарантиран.
Процесот е прилично едноставен и се базира на комуникациски метод наречен импулсно позициона модулација (PPM). Секоја секунда ( или друга временска единица) се дели на број од временски интервали кои кореспондираат на одреден симбол. Испраќачот испраќа порака преку трансмисија на импулси за време на интервали кои одговараат на бараниот симбол, па потоа примачот ги прегледува во оној ред во кој што ги добива. Овој код мора да биде споделен со примачот пред да започне комуникацијата, што е најголемата мана на оваа шема. Откако ова ќе се направи може да се испрати серија од импулси како оптички Морзеов код за да се пренесе пораката.
Техниката претпоставува користење на многу кратки импулси од фотони и околина која содржи голем број на фотони кои се потполно некорелирани со пораката ( како на пример ласер или оптички кабел). Исто така претпоставено е дека оптичките сензори кои се користат не се совршени, па секогаш ќе постојат фотони кои се детектирани, но не постојат. Ова би значело дека преслушкувачот нема да биде во можност да направи разлика меѓу кодираната порака и позадинскиот шум.
Пробивот е во тоа што истражувачите докажаа дека една порака може секогаш да се камуфлира со произволна веројатност за детекција. Со други зборови испраќачот и примачот можат однапред да се договорат за тајноста на пораката. Иако тие не можат да изберат перфектна тајност, тие можат да се доближат колку што сакаат до неа. Значи тие може да изберат помала битска брзина за пораки за кои сакаат помала веројатност за детекција.
За да ја докажат изводливоста на нивната шема, Bash и неговите соработници изградија и тестираа прототип кој испраќа пораки преку оптички кабел. Испраќачот ги трансмитира импулсите, а светлински сплитер на другата страна обезбедува дека преслушкувачот ќе ги прими сите фотони кои не стигнале до примачот.
Иако тезата беше експериментално демонстрирана, сеуште не е дискутирано за тоа кој може да има потреба од ваков систем. Имено, најчесто откривањето на комуникацијата не претставува проблем , туку проблемот е содржината на порката. Сепак постојат и ситуации во кои прикриената комуникација е важна. Еден пример се тајните служби кои може да бидат заинтересирани во прикривање на нивните пораки.