Во листата на технологии кои ќе го раздрмаат светот во наредниот период, при врвот се наоѓа технологијата која ќе го овозможи и поттикне комуницирањето помеѓу различни направи кои го сочинуваат нашето секојдневие… часовници, телевизори, фрижидери, автомобили итн. Листата е бесконечна. Сиве овие направи комуницираат преку сензори, и се поврзани на интернет, собирајќи притоа бесконечна низа на податоци за луѓето кои ги користат овие популарно наречени „паметни“ направи. Се разбира, говорам за „Интернет на нештата“, термин кој ја означува следната фаза во развојот на „поврзаноста“. Веќе сме сведоци на компании кои се отелотворување на овој феномен. Гугл неодамна ја купи Нест, компанија која произведува паметни термостати, за 3.2 милијарди долари. Тесла го промовираше својот „Автопилот“ систем. Во некои земји дури и никнуваат т.н. паметни градови, како СонгДо и Масдар. Аналитичарите предвидуваат дека до 2020 година ќе постојат приближно 50 милијарди „поврзани“ единици, што радикално ќе го промени начинот на кој живееме.

Овие технологии несомнено ќе донесат многу поволности и ќе им го олеснат животот на корисниците, а исто така ќе биде отворен еден нов конкурентен сектор кој според некои извори, ќе предизвика обрт од неколку трилиони долари во наредната декада.

Како и со многу други револуционерни технологии во историјата, популаризацијата на Интернетот на нештата е придружена со низа грижи дека истата ќе предизвика разорен ефект врз приватноста и безбедноста на луѓето. Оттаму, се почесто се појавуваат тие кои повикуваат на предвременото регулирање на овој сектор со цел да се спречат несаканите последици врз корисниците. Овие луѓе Адам Тиерер ги нарекува „технопаничари“ кои предвидуваат апокалиптични сценарија доколку не го зауздаме развојот на новите технологии. Од друга страна, постои и нишка, со која повеќе се согласувам, според која се препорачува еден полесен пристап кон регулацијата на овој сектор, со цел да не се попречи иновативниот стремеж на компаниите кои ги произведуваат овие технологии во иднина.

Технопаничарите веруваат дека новите изуми треба да бидат зауздани се додека нивните производители не докажат дека истите нема да предизвикаат никакви штетни последици кон општеството. Единственот спас тие го гледаат во Државата, која со својата регулаторна тупаница силно ќе замавне кон тие компании што ги произведуваат овие направи.

Тие од другиот дел на спектарот веруваат дека експериментирањето со нови технологии и бизнис модели треба да се дозволи по „дифолт“, вртејќи го аргументот на технопаничарите. Имено, тие сметаат дека товарот на докажување лежи токму кај технопаничарите, кои треба да докажат дека овие технологии навистина ќе имаат штета, а ако не успеат да го сторат тоа, тогаш треба да се остави на мира нивниот развој.

Навистина, треба будно да го следиме развојот на Интернетот на нештата. Со сите нивни предности и поволности за корисниците, потенцијалот за нивна злоупотреба е огромен. Огромниот број на „паметни“ направи кои ќе комунцираат меѓусебно, а и со корисниците ќе доведе до генерирање на петабајти податоци од секоја област на нивниот живот.  Замислете си само што се може НСА или нивните партнери да сторат со сиве овие податоци. Интернетот на нештата не се состои само од паметни фрижидери и часовници, нивниот продир ќе биде многу поголем од тоа.

Таканарачените „биохакери“ веќе вградуваат чипови и сензори во своите тела, кои меѓудругото ќе генерираат податоци за нивната крвна состојба. Информационата етичност е неопходна во собирањето и обработувањето на овие податоци, а таа не можеме да ја очекуваме од разузнавачките служби, кои се раководат од други принципи. Од нив треба што повеќе да се заштитиме. Етичноста ќе ја очекуваме од производителите на овие паметни технологии. Сепак, погрешно е истата да ја бараме по пат на воведување на безброј закони и други регулативи кои ќе го попречат нивниот иден развој. Потребен е баланс со кој ќе се постигне ефикасна заштита на приватноста, а истовремено ќе се осигура и развојот на овие технологии. Историјата ни кажува дека општеството умее да се адаптира на ваквите промени. Во следниот текст ќе се осврнеме на неколку примери кои тоа го докажуваат.

Претходна статијаDisplio – Виџет за вашата маса во форма на мал e-ink екран
Следна статијаНајдобрите фудбалски совети од Мурињо во „Top Eleven 2015 “, новата верзија од најпопуларната видео игра, сега достапна и на iOS и Android