Насловот можеби е наведувачки, во смисла на тоа дека под „справување“ не мислам на спречување, туку на разумно и беспанично дочекување на овие нови технологии во нашите животи. Во првиот текст од серијата написи за Интернетот на нештата се осврнав на растечката популарност на „паметни“ електронски уреди кои комуницираат помеѓу себеси и со корисниците, притоа поедноставувајќи им го животот на овие вторите (со ризик да ги направи мрзливи исто така). Накратко, Интернет на нештата ја означува надградбата на постоечки електронски уреди со интернет конекција, правејќи ги способни да собираат и анализираат податоци за околината и луѓето кои ги користат тие направи (е-уреди 2.0).
Во вториот напис пак, пишував за тоа како популарноста на оваа нова и дисруптивна технологија секогаш е проследена со повици за нејзино зауздување, при што ги набројав телефонот и фотоапаратот како примери за слични сценарија. Човештвото сепак речиси секогаш го надминувало иницијалниот страв од новото и непознатото, откако ги воочувало предностите од „прегрнувањето“ на новите технологии.
Како што напредува развојот и зголемува сеприсутноста на овие технологии (веќе знам неколку другари кои поседуваат „паметни“ телевизори) се зајакнува и потребата од адресирање на можните опасности од употребата на истите. Јас сум „подесен“ да бидам претпазлив околу својата приватност, така да секогаш кога ќе прочитам или слушнам за поволностите од „паметни“ направи ми текнува и на начините на кои што можат да ме „загрозат“ истите.
Поради тоа, во продолжение ќе се осврнам на неколку методи на регулација со кои ќе се осигура безбедноста и приватноста на корисниците, а сепак нема да се наруши поттикот за иновации.
- Напуштање на ставот дека овој сектор мора да биде регулиран
Треба да стане јасно дека не постои начин на регулација на Интернетот на нештата кој ќе ги задоволи сите засегнати страни. Токму од овие причини, иницијално е важно недонесувањето на избрзани закони со цел што побргу да се спречат несакани последици од користењето на овие направи.
- Подигање на свесноста преку едукативни кампањи
Кога се работи за вака нов сектор од кој последиците (добри и лоши) допрва ќе ги почуствуваме, важно е јавноста да биде запознаена од ризиците кои ги носи со себе употребата на овие направи. Потребно е проактивно учество на најважниот чинител: корисниците, за кои се наменети овие нови технологии. Проактивно во смисла на тоа дека и тие имаат удел во заштитата на сигурноста на своите податоци, и треба свесно да преземаат постапки со кои ќе го сторат истото. Едноставно тие мора да знаат какви дигитални отпечатоци оставаат додека „живеат“ онлајн, и кои опасности можат да произлезат од тоа. Дигиталната писменост и воспитување на дигитално одговорни граѓани го решаваат овој проблем. Sharing не е секогаш caring. Кај нас, некои организации се занимаваат токму со вакви, или слични програми, како на пример Дирекцијата за заштита на лични податоци и Фондацијата Метаморфозис.
- Дигитални алатки за поголема безбедност
Криптографијата и енкрипцијата остануваат највредни алатки во рацете на корисниците, и со овие алатки тие најефикасно можат да ја заштитат својата дигитална приватност. Енкрипцијата е еквивалентна на заклучување на вашата домашна брава. За да биде пробиена, натрапникот мора да биде многу вешт, или да го има клучот со кој ќе ја отвори бравата. Во овој пост можете да пронајдете повеќе алатки со кои можете да постигнете помал, но сепак значаен ефект за заштита на приватноста.
- Притисок од „watchdogs“
Потребен е притисок од независни регулаторни тела кои ќе ги опоменуваат, а во крајни случаи, казнуваат компаниите кои нелегално ги собираат или обработуваат податоците на своите корисници, или пак ги лажат корисниците за тоа како ги користат овие податоци. Вакво тело на ниво на САД е FTC (Federal Trade Commission), додека македонскиот пандан би била гореспоменатата Дирекција за заштита на личните податоци. FTC веќе неколку пати презела чекори за да ги „доведе во ред“ некои компании кои недоговорно постапувале со податоците на корисниците. Најсвеж пример е тој со Snapchat, при што Комисијата и нареди на оваа компанија да подлежи на евалуација на нивната политика за приватност од независно регулаторно тело и тоа во наредните 20 години.
- Саморегулација
Еднакво важен сегмент е и саморегулацијата, која се сведува на одговорно користење на податоците за корисниците од страна на компаниите кои ги произведуваат овие нови технологии и направи. Како што ќе кажат Wittes и Bennett, компаниите имаат одредени обврски во справувањето со личните податоци на корисниците:
обврска да ги чуваат на безбедно место, обврска да бидат искрени и директни со корисниците за тоа како нивните податоци се експлоатирани и обврска да ги користат истите на начин кој не е штетен за или противречи на интересите на корисниците.
Неизбежни последици
Нема да можеме да избегаме од несакани сценарија кога станува збор за примената на Интернет на нештата во нашето секојдневие. Корисниците ќе се жалат, одредени компании ќе делуваат измамнички, а некои и ќе бидат дебело казнети за тоа. Тоа што е најважно е да не се делува избрзано со донесување на закони врз основа на хипотетички „worst case“ сценарија, и нишанење кон мета која се уште не можеме да ја видиме. Интернетот на нештата со себе носи огромни поволности за корисниците и за општеството како целина. Овие поволности можеби нема да пристигнат доколку законодавците предвремено интервенираат лимитирајќи го потенцијалот за иновирање во овој сектор.