Во последно време редовно слушаме и читаме мрачни сценарија и предвидувања според кои во блиска иднина вештачката интелигенција, т.е. роботите, ќе ни ги украдат работите на нас луѓето, предизвикувајќи притоа огромен број на невработени лица. Навистина, напредокот во развојот на вештачката интелигенција се движи неверојатно брзо, а големи светски компании, како Google, вложуваат се повеќе во овој сектор, а резултатите се веќе видливи. Некои луѓе пак, се скептици, како Елон Маск, кој е загрижен дека роботите ќе го колонизираат човештвото, доколку не бидат програмирани да не го сторат тоа претходно, во нивниот зачеток. Реј Курцвејл, познат футурист, е оптимист, и верува во мирен и полезен соживот помеѓу роботите и луѓето.

Сепак, едната страна на паричката е дека да, навистина, доста веројатно е дека голем број на работни места кои по природа можат да се автоматизираат ќе бидат „голтнати“ од развиената вештачка интелигенција. Тој ден се уште не пристигнал, но прашање е само на време кога ова ќе се случи.

Од друга страна пак, земајќи предвид дека човечките желби и потреби се бесконечни, стои аргументот дека со оглед на нивната адаптабилност, луѓето секогаш ќе пронајдат нешто корисно да прават со своето време. Тоа што исто така не се зема предвид е дека автоматизираноста на работните места, и замената на човечката работна рака ќе придонесе кон отворање на целосно нови работни сектори, додека пак технолошкиот прогрес носи и зголемување на животниот стандард на потрошувачите.

Марк Андреесен верува дека начинот на кој може да им се помогне на поединците загрижени дека ќе ја изгубат работата е следниов:

Прво: фокус на зголемување на пристапот до образование и вештини за развој, што само по себе ќе биде постигнато преку тешнолошкиот развој.

Второ: да се остави пазарот на мира (што би значело поттик на доброволни договори и слободна трговија), така што капиталот и работната сила ќе може брзо да се пренасочат кон креирање нови полиња на работа и работни места.

Трето: креирање и одржување на силна социјална безбедносна мрежа (social safety net), така што луѓето нема да бидат оставени на цедило и нема да бидат спречени да обезбедат за своите семејства. Јамката се затвора како што брзиот технолошки развој на продуктивноста и последователниот економски раст го прават лесно плаќањето за оваа безбедносна мрежа.

Кон Утопија

Што ако сите ние имаме бесплатен пристап до електрична енергија, здравство, храна и транспорт, сето тоа како последица на развојот на вештачката интелигенција? Во овој случај, во горниве сектори луѓето целосно би биле заменети од роботи, едноставно луѓето се вишок. Какви последици би имало ова сценарио кон нашиот квалитет на живот? Според Андреесен, не многу негативни:

Сите наши основни потреби се згрижени, сето наше време, труд, енергија, амбиција и цели се преориентирани кон нематеријалното: големите прашања, длабоките човечки потреби. Човечката природа се изразува во целост, за прв пат во историјата. Без ограничување на исполнувањето на нашите физички потреби, ние ќе можеме да бидеме токму она што сакаме да бидеме.

Главните области на човечкото делување ќе бидат културата, уметноста, науката, креативноста, филозофијата, експериментирањето, истражувањето и авантурите.

Како што повеќето од нас денес имаат работни места кои не биле измислени пред 100 години, истото ќе биде вистинито и за 100 години од сега. Луѓето од после 50, 100, 150, 200 години ќе се восхитуваат на работни места кои постојат и денес; истиот ќе биде точно 50, 100, 150, 200 години од сега.

Убаво звучи, нели? Главната теза на Андреесен е дека преку задоволувањето на основните човечки потреби и задоволување на минималниот животен стандард, човештвото ќе се фокусира на научна и уметничка дејност, истражување на вселената итн. што ќе доведе до создавање на конкуренција во тие области, кои се оние што ќе го доведат човештвото до следниот стадиум на постоење.

Претходна статијаSamsung го претстави Galaxy A7, најјакиот модел од нивната A серија
Следна статијаGoogle работи на систем за преведување во вистинско време во Translate апликацијата