Иако дроновите се создадени за воени цели, во последно време тие се повеќе пенетрираат во секојдневниот живот на граѓаните и стануваат конзумеристички алатки кои луѓето ги користат за различни цели. Но тие исто така си имаат и своја комерцијална намена во филмската и музичка индустрија, при што режисерите на спотови и филмови често користат беспилотни дронови за да снимаат кадри од високо на небото.

Амазон тестираат дронови и се во процес на комплетирање на административно-правните аспекти за да можат со дронови да ги пренесуваат пратките до своите корисници. Фејсбук пак, имаат цел до 2018 да почнат да овозможат интернет пристап за помалку развиени светски подрачја со употреба на, погодивте, дронови, кои ќе работат на соларна енергија.

Тие се поевтини, полесни за употреба и генерално се логистички комотни за разлика од најмување на хеликоптерски или авионски пилоти за истата намена. Но како што човештвото полека се навикнува на нивното продирање во нивните животи, сведоци сме на несекојдневни настани.

Неодамна на фудбалскиот натпревар помеѓу Албанија и Србија одредени навивачи го прелетаа својот дрон над фудбалскиот терен, предизвикувајќи го прекинувањето на овој фудбалски меч.

Дроновите во последниов период можевме да ги видиме и на нашето поднебје. Земете го предвид последниот студентски марш против државниот испит, кога поединец со својот дрон ја направи следната фантастична видео снимка.

https://www.youtube.com/watch?v=rIxQybI47XQ

Како што напредува превалентноста на дроновите во нашето општество, се поставуваат низа прашања поврзани со очекувањата за приватност кои ги имаат граѓаните, дали кога се надвор на јавен простор, или пак кога се наоѓаат во своите домови. Леснотијата со која може да се наруши приватноста со употреба на дронови е прилично голема. Видео надзорот е во голема мера регулиран во нашето законодавство, но дроновите може да предизвикаат правно-регулаторен хаос баш поради нејаснотиите кои постојат околу нивната употреба. Тие се класичен пример за тоа како напредоците во технологијата се секогаш чекор понапред од правото.

Интересно е што баш поради овие причини во САД полека се отвора цел правен сектор кој е посветен на справување со правните последици од примената на овие летала, и ризиците кои ги носи со себе оваа примена. Вклучени се големи адвокатски фирми, како Morrison & Foerster, Hogan Lovells LLP и Pillsbury Winthrop (непознати тука, очекувано, но големи имиња во САД).


Можеме да воочиме дека дроновите навлегуваат во речиси секоја област од нашите животи, а наскоро тие ќе бидат сеприсутни налик нашите компјутери или мобилни телефони. Сепак, додека постојат нејаснотии во однос на справувањето со дроновите, ќе се случуваат и проблематични сценарија. Лицето кое го сними видеото со својот дрон додека се одвиваше студентскиот марш во Скопје беше дури приведено во полициска станица. Истото можеме да го очекуваме и во иднина, со многу тужби, обвинувања, нелегални примени на овие дронови, нарушување на приватноста и ред други скандали, доколку правото конечно не ја стигне технологијата, барем во овој аспект.

Претходна статијаCadillac ќе воведе свој видео систем на местото на традиционалните ретровизори
Следна статијаSleep Shepherd: Капа која треба да ви помогне да заспиете