Еден од најголемите предизвици кога станува збор за учество на јавноста е фактот што иако голем број граѓани имаат став за скоро секој политичко-општествен проблем само мал број од нив посериозно се инволвираат во негово решавање. Најсвеж пример за ова беше токму неодамнешниот протест против загадувањето на кој се појавија 100-тина луѓе, иако деноноќно скоро секој зборуваше за проблемот!
И ова е нормално. Едноставна поделба на труд – луѓето си ја вршат својата работа, плаќаат даноци, а очекуваат за возврат некој кој е платен од нивните даноци да им ги решава проблемите кои ја засегаат целата јавност. Да не се разбреме погрешно. Здрава демократија е незамислива без суштинска и ефективна инволвираност на општата и стручната јавност во политичките процеси. Носењето политики и закони е всушност двонасочна и повеќе димензионална комуникација – носителите на политиките и засегнатите граѓани и организации (фирми, невладини организации, лоби групи, итн.) треба да имаат взаемно влијание едни на други. Секој граѓанин сака да има простор да го искаже своето мислење. Ова е несомнено и постојат илјадници идеи како да се овозможи реализацијата на правото на учество на јавноста.
Сепак, нашиот предлог повеќе се фокусира на поттикнување на оние граѓани чиј придонес во решавање на јавните проблеми би бил најголем. Едноставно, не само да се поттикне учеството на јавноста – туку јавноста да се вклучи во ефективно решавање на проблемите и подобрување на колективниот живот.
Станува збор за концепт кој е лесно применлив во повеќе области, е трошковно ефективен и кој се применува (со позитивни искуства) во голем дел од развиените земји (пр. пристапот е стандардна алатка во НАСА). Иницијалната идеја е да се поттикне иновативност и учество на граѓаните во решавање на горливи прашања со (симболични) финансиски поттици, a притоа истовремено да се стимулира инволвираност на јавноста (стручната и општата) во самиот процес. Станува збор за концептот на crowdsourcing – отворен повик на доброволна (но не и бесплатна!) помош од самата јавност -применет во политиката.
Да објасниме подобро. На пример, општина Аеродром некаде при крајот на третиот квартал, при подготовка на предлог-буџетот, отвара консултации со аеродромци за клучните приоритети и проблеми кои треба да се решаваат во наредната година со цел подобрување на локалните живот на сите граѓани. Консултациите можат да се спроведат на разни начини – од состаноци со фокус групи, до општи расправи на кои ќе бидат поканети сите аеродромци, до е-дебати, итн. Поентата е да се земе сериозен инпут од јавноста. Се креира еден вид на јавен список на разни „предизвици“ и се става на гласање (преку социјални медиуми, леток во општинско гласило, итн.). Аеродромците сами ги бираат приоритетите. Општината ги вметнува истите во предлог-буџетот.
Сепак, ова е само почеток. Истовремено, Општината се отвора за помош во решавање на предизвиците од секој заинтересиран граѓанин, фирма, организација. Како што добро знаеме сите, не постои бесплатен ручек – едноставно, ретко кој ќе се вклучи посериозно во решавање на било каков локален проблем без да има ништо за возврат. Потребни ни се поттици и награди!
Тука настапува всушност сржта на предлогот, а тоа е организирање на натпревар за решавање на еден од (на пример) топ 10-те селектирани предизвици, проблеми на локалните жители. Награден фонд од 50,000 евра за најиновативната идеја. Средствата треба да се искористат за реализација на истата. Истовремено, а со цел да се поттикне учество на јавноста во целиот процес би се доделила и втора награда од (на пример) 30,000 евра од самата јавност. Друга опција е самите граѓани да одредуваат различни наградни фондови во зависност од кој предизвик/проблем ќе се адресира. Нормално, концептот може да се примени и на државно ниво, со одредени модификации.
Деталите во однос на incentive-design се неограничени, но суштината на идејата е иста – креирање поттици со цел да се привлечат што повеќе умови во барање најиновативни, ефикасни и оптимални решенија за специфични и реални проблеми на локалните жители.