После терористичкиот напад во Париз, на улиците низ Париз излегоа над половина милион граѓани на марш за солидарност. Ним им се придужија и дел од лидерите на владите на најмоќните светски држави, меѓу кои освен Франсоа Холанд, беа и Ангела Меркел и Дејвид Камерон. Освен тоа што тие се собраа во солидарност со своите колеги во борбата за човекови права и слободи, собирот на овие државници ни кажува и нешто друго: дека тие заедно ќе се борат и во војната против тероризмот. А оваа војна се вжештува се повеќе и повеќе.
Како резултат на глобалната параноја пост париските напади, голем број на земји веќе започнаа со воведување на законски мерки кои се рестриктивни по природа и постои реален ризик со нив да се наруши правото на приватност и да се задуши слободниот говор.
Британскиот премиер Дејвид Камерон експресно предложи мерки за ограничување на употребата на енкрипција. Австралискиот правобранител пак, ја користи париската трагедија како оправдување за да им додели поголеми овластувања на полициските и безбедносните служби, и да го зајакне опсегот на обврските за задржување на електронски податоци. Во меѓувреме, Данска ги засили обидите за повторно воведување на принципот на задржување на електронски податоци, а зајакнаа и преземените безбедносни мерки во Холандија и Австрија. Покрај нив, низа други лидери најавија воведување на построги мерки за безбедност.
Италија планира да воведе нови законски мерки со кои ќе им се доделат пошироки овластувања на полицијата додека во Белгија се разгледува можноста за воведување на законски амандман со кој би се овозможило проширување на опсегот на одредбите за прислушување. Шпанија воведе инвазивни и малтене расистички нови безбедносни контроли, а САД сосема очекувано реагира со разгледување на можноста да го искористи нападот како изговор за воведување на низа свои законски инвазивни мерки. Осврнувајќи се на агресивните политики на европско тло, Џереми Сури, професор по историја и јавни прашања на Универзитетот Тексас во САД, вели дека:
“На краток рок, тие ќе бидат поагресивни кога се работи за прашања на граѓански слободи”, Сури вели “Тешко е да се залагаш за заштита на граѓански слободи кога ќе се случи нешто вакво.”
Овие земји не се и нема да бидат единствените што ќе преземаат радикални мерки за соочување со тероризмот. Ваквите трагични настани често се користат за зголемување на државната моќ за шпионирање, како што впрочем се случи и со Патриотскиот акт во САД, кој беше усвоен непосредно по нападите на 11 септември, 2001 година.
Навистина, тешко е да се оправда заложбата за зачувување на човековите права и слободи по разорна трагедија како што е оваа. Токму поради ова е важно да се одбегне експресното донесување на нови рестриктивни закони. Емоционалната реторика треба да се замени со разумно расудување. Во моментов во Европа владее политичка криза на стравот, од која потекнуваат закони како Патриотскиот акт.
Последиците од Патриотскиот акт граѓаните на САД ги почувствуваа дури години подоцна, а јавноста беше соочена со реперкусиите од неговото донесување по откритијата на Едвард Сноуден. На Европа во моментов најмалку и треба еден Патриотски акт, иако се плашам дека работите се движат во таа насока. Дури и во отсуство на еден таков закон донесен на ниво на ЕУ, земјите од европскиот континент по се изгледа успеваат да протнат слични законски мерки на свое тло. Последиците, како и во САД, нема да бидат почувствувани веднаш.