min-wage

Законот за минимална плата, за жал, е еден од многуте политички декрети со кои се ограничува слободата на луѓето, има поголеми негативни економски ефекти од позитивни, и, уште полошо, негативно влијае врз токму оние кои треба наводно да ги заштити – најранливите групи на работници, особено врз вработувањето на младите. Всушност сите земји го признаваат ова макар и индиректно со тоа што минималната плата е воведена во системот многу внимателно, со релативно низок праг и постепено минимално покачување, а со цел да може некако пазарот да се акомодира на промените. Троа попаметните земји пак имаат парцијална мин.плата – само за неколку сектори опфаќајки ги шивачките, рударите и сл., со цел да нема законот штета врз останатите граѓани во другите области.

Патем, не случајно над 500 економисти, меѓу кои и пет нобеловци, потпишаа отворено писмо до Барак Обама да го предупредат од негативните ефекти од покачувањето на минималната плата. Во писмото се наведува дека:

Како економисти, ја разбираме кревката природа на економското опоравување и страшната финансиска реалност на скоро 50 милиони американци кои живеат во сиромаштија. За да ги подобриме состојбите потребен ни е микс од решенија кои го поттикнуваат вработувањето, отворањето нови бизниси и ги покачуваат приходите, наместо еднообразен закон кој ја покачува цената на трудот.

Еден од посериозните ефекти на покачувањето на мин.плата е дека работодавачите оптеретени со повисоки трошоци по вработен ќе бидат принудени да кратат на трошоци, или пак да ги зголемат цените и да ги префрлат трошоците на потрошувачите доколку сакаат да останат конкурентни. Голем број од бизнисите кои исплаќаат мин.плати работат со екстремно ниски профитни маргини, па следствено секое зголемување на трошоците го загрозува овој деликатен баланс.

Неодамнешниот извејташ на Канцеларијата за буџет на Конгресот (CBO) укажа дека зголемувањето на федералната мин.плата на 10.10$ на час ќе ја чини економијата загуба на околу 500.000 работни места до 2016 година. Многу од овие работни места ги држат почетници со ограничено работно искуство и вештини, што значи ќе бидат оштетени оние на кои наводно им помагаме.

Минималната плата е исто така лошо таргетирана мерка за намалување на сиромаштијата. Дополнителните приходи од зголемувањето на мин.плата не им помагаат на сиромашните. Како што се наведува во извештајот на CBO, „многумина од ниско-платените работници не се членови на сиромашни семејства.“ Всушност, проценките на CBO се дека помалку од 20% од работниците кои ќе добијат зголемување на платата на 10.10$ живеат во семејства кои се сметаат за сиромашни.

Поради овие причини, ги охрабруваме креаторите на политики да истражат креативни, сеопфатни политички решенија кои навистина ќе им помогнат на сиромашните, ќе ги зголемат приходите од работа и ќе ја зголемат нагорната мобилност …

За оној што го интересира повеќе, сето ова го имам подетално објаснето во претходен пост. Овој пат сакам да дискутирам за еден ефект на минималната плата кој е поврзан со технолошката невработеност – заменувајќи одредени работни места со машини и софтвер.

Имено, кога го прашаа Бил Гејтс за негов став за мин.плата тоj одговори: „ако се зголеми мин.плата, вие поттикнувате „супституција на труд“, и луѓето ќе имаат поттик да купуваат машини и да ги автоматизираат процесите – или пак ќе предизвикате појавување на работни места надвор од законот. Така да, во одредени граници, знаете, [законот] предизвикува уништување на работни места. Ако навистина го туркате, тогаш вие едноставно правите огромен „tradeoff”. Едноставно кажано, ако вештачки се поскапи вработувањето по единица вработен, помеѓу другото, се зголемува и поттикот за фирмите да ги заменат работниците со машини. Сега, постојат и голем број други фактори кои влијаат врз ефектот на супституција на труд, но фактите се тие. Како што се вели во фантастичната анализа во The Economist, цитирајќи го економистот Дејвид Аутор од МИТ:

обичниот факт дека одредено работно место може да биде автоматизирано не значи дека истото и ќе биде – релативните трошоци играат исто важна улога. Кога Нисан произведува коли во Јапонија тие на големо се служат со роботи. Од друга страна пак, во фабриките во индија повеќе се ослонуваат на евтината работна сила. [интересна забелешка и за оние кои протестираа за повисоки плати во фабриките кои се странски инвестиции, занемарувајќи дека некогаш изборот е помеѓу ниска плата и невработеност, а не 9.000 или пак 12.000 плата: н.з.].

Овој ефект во САД воглавно е најзабележителен во fast-food индустријата, каде што и патем работат голем процент од оние кои земаат мин.плата. На пример, во дел од рестораните веќе се инсталирани машини на кои ги правите нарачките без никаква помош од вработени „на каса“. Прашање на време е само кога МекДоналдс ќе го направи истиот потег. Веќе има и компании кои нудат машини кои ќе ги заменат и куварите во fast-food рестораните, нотирајќи го токму трошокот по вработен како главна причина зошто фирмите треба да им ги купат машините.

Но, како што и очекувам да забележат многумина од нашите читатели, зарем технолошкиот напредок не е корисен и не создава повеќе работни места него што заменува?! Се разбира, но не треба да го занемаруваме фактот дека модерните технолошки промени се одвиваат со голема брзина и потребно е многу поголема способност за прилагодување. Ако некој им мисли добро на работниците, нема да ги прави уште поголема мета за замена и да им го ускратува времето на прилагодување на новата реалност.

Патем, ако некој им мисли добро на работниците, има и затоа мерки кои навистина ќе ни помогнат, како што и наведов во некои од претходните текстови тука и тука. Потребен е само слободарски и објективен, а не патерналистичко-идеолошки, мајндсет.

Извор на слика: http://blog.panampost.com/frank-worley-lopez/2013/11/11/how-to-hurt-the-poor-raise-the-minimum-wage/.

Претходна статијаGoogle Translate надграден со можност за превод на говор и слики во вистинско време
Следна статијаИновативен ретро-футуро дизајн на Macintosh од Германија