04wtiConferenceColinAndersonGettyImages-1333461686752

Како индивидуи кои константно ги следат технолошките изуми, многу од нас стекнуваме навики да квантифицираме се што се случува во нашиот живот. Броиме колку чекори сме изоделе, колку калории сме внеле, колку КМ сме истрчале, дали сме навлегле во РЕМ фаза итн. Технологијата ни нуди безброј алатки за следење на делови од нашиот живот што често знае да предизвика и анксиозност, поради огромниот број на вакви алатки и желбата да следиме апсолутно СЕ. Се чини дека на секои две недели се појавува новата магична апликација која ќе не направи попродуктивни, подобри во менаџирање на своето време и завршување на секојдневните обврски (и која ќе не потсети да купиме презервативи).

Нашите смартфони се толку врежени во нашето секојдневие што не ни можеме да сфатиме како сме живееле без нив до пред четири-пет години. Начинот на кој работиме, и комуницираме е драстично сменет, а главно виновни за тоа се овие електронски направи. Парадоксот е тоа што иако постои експлозија на направи и на апликации кои ни го „штедат времето“, никогаш не сме почувствувале поголем недостаток од часови во денот. Но времето е релативно, а технологијата неутрална. Дигиталните направи кои не опкружуваат не го менуваат магично протокот на времето. Променета е само нашата перцепција кон времето. Како што вели Judy Wajcman од Аеон магазин:

Дали сме во право кога ја обвинуваме дигиталната револуција, поради тоа што го забрза темпото на живот и го убрза нашето време? Не, секој од нас располага со 24 часа на ден, седум дена во неделата и 12 месеци во годината… Кога сум со мојата 95-годишна мајка во старечкиот дом и се загледувам во мојот паметен телефон, јас сум истовремено во исклучително бавно и исклучително брзо време. Дигиталната технологија е навистина добра во потпомагањето на овој дуалитет. Таа им овозможува на луѓето да го доживеат времето различно од еден момент до следниот, па дури и во истиот момент.

Според Wajcman, луѓето се тие кои што ја создаваат технологијата, и поради тоа, треба да ја правиме на начин кој ќе ја направи земјината топка подобро место за живеење.

Доколку чувствуваме притисок за повеќе време, тоа не е поради технологијата, туку поради приоритетите и параметрите кои самите ги поставуваме… Ако сакаме технологијата да ни донесе подобра иднина, ние мора да го зауздаме императивот на брзината и да го демократизираме инженерството. Мора да внесеме повеќе имагинација во областа на технолошките иновации. Најмногу од сè, ние мора да поставиме поголеми прашања за тоа какво општество сакаме. Технологијата неминовно ќе следи, како што обично го прави тоа.

Наместо да се фокусираме на лажната дихотомија – повеќе технологија > помалку време – треба да се фокусираме на наоѓање начини како истата да ја примениме на начин кој ќе донесе позитивни општествени промени. А тука, брзината, и економичноста се клучни. Константната интернет поврзаност носи со себе и некои несакани последици, но само ако и дозволиме да има такво влијание врз нашите животи. Истата таа поврзаност овозможува и некои неверојатни новитети. Најновите Тесла возила на пример, по автоматизам доаѓаат со 3Г интернет врска, која овозможува реално следење на теренот околу кој возите (преку дигиталната мапа), но и редовно ажурирање на софтверот во колата. Техничарите на Тесла, благодарение на оваа интернет врска, можат да го надгледуваат возилото во реално време и да реагираат доколку забележат некаков проблем со возилото.

Потенцијалните негативни ефекти кои оваа поврзаност може да ги има по приватноста (барем во случајот со Тесла), се тема за некој друг напис, но вреди да се спомене дека Тесла имаат најмено хакери кои константно се обидуваат да го хакнат софтверот вграден во овие возила. Се што тие досега успеале да сторат е да најдат начин како да ги отворат вратите на Тесла автомобилите.

Едно решение за чумата наречена технолошка анксиозност е она што Wajcman го нарекува „дигитален детокс“. Ова таа го илустрира преку примерите со писателот Џонатан Френцен, кој верува дека е практично невозможно да ги завршува своите романи на компјутер кој е поврзан на интернет (тој го полни својот Ethernet приклучок со супер лепак). Познатиот писател и критичар за дигитална технологија, Евгениј Морозов пак, го заклучува својот телефон во сеф, за да може да мисли, да чита и да работи.

На крајот, Wajcman, нуди едноставно, но елегантно решение, кое вреди да се ислуша:

Ако технологијата треба да придонесе за подобар свет, луѓето мора да размислуваат за светот во кој тие сакаат да живеат. Просто речено, тоа значи најпрво да се размислува за општествените проблеми, а дури потоа да се размислува за технолошки решенија, наместо да се измислуваат технолошки решенија и потоа да се премине кон наоѓање на проблеми кои тие би можеле да ги решат.

Претходна статијаИзбрани три андроид апликации со најдобро Златен Даб решение
Следна статијаГледањето 3Д филмови ви ги подобрува когнитивните способности