Голем предизвик е да го прикажеш модерното време на мултидимензионален начин кој ќе ја отслика контроверзноста и комплексноста на проблемите и предизвиците на денешниот човек. Mr. Robot е нова хакерска серија која се обидува да одговори на овој предизвик – и катастрофално потфрла.
Прво за приказната во една реченица: анти-капиталистичка критика на модерното општество и „злобните“ корпорации во кои е сконцентрирана огромна моќ, богатство и алчност.

Сепак, за разлика од Fight Club или The Invisible Man кои се критично настроени кон капитализмот и модерното општество (патем, The Invisible Man е метафора за „невидливата рака“ на слободниот пазар), или пак поновите Her или The Zero Theorem, Mr. Robot не нуди некоја длабочина или пак оригиналност во критичкото. Од самиот почеток до сега, серијата не ја бива.
Small spoilers ahead!
Почнувајќи од главниот лик, Елиот (Реми Малек). Елиот е отуѓен – во свет кој нуди неверојатно можности да бидеш поврзан со другите – од обичните смртници кои всушност ги презира како прости и незагрижени за „битните нешта“. Тој е анксиозен, постојано под стрес – можно да пати од блага шизофренија – и затворен, па мора пола серија да ни се раскажува преку неговиот внатрешен глас, Сексот и градот стил. Неговата растроеност е последица од тешкото детство по починувањето на татко му. А татко му починал од болест како последица од изложеноста на токсичен отпад кој го фрлал Evil Corp (surprise!). На кратко, станува збор за навидум комплексна личност, но всушност Елиот е еднодимензионален лик на растроен псевдо-гениј а ла Вил Хантинг.
Ако Елиот е еднодимензионален досаден лик, другите се уште полоши. Дали станува збор за женските ликови кои постојат само да го „нормализираат“ Елиот, или дечкото на неговата најдобрата пријателка кој Господ знае како добил работа во ИТ фирма за сајбер безбедност (со оглед на тоа со каква евтина фора ќе му го хакнат компјутерот), или пак Mr. Robot himself (Кристијан Слејтер) кој најверојатно е двојната личност на Елиот, тешко дека со било кој можеш да воспоставиш било каква емотивна врска. Во некоја од наредните епизоди да ги снема сите, можеби и нема да приметам.
Од друга страна пак, негативците во серијата се ладни корпоративни дечки – исто така тешко клише – кои би згазиле преку се што е потребно само за да ја постигнат целта. Демек го отсликуваат „бесчуствителниот“ капитализам против кој Елиот ќе се спротистави?!
Вака поставената сцена наговестува судир помеѓу Давид и Голијат. Нема тука изненадувања. Елиот станува дел од underground хакерска организација предводена од Mr. Robot (или од самиот Елиот?) која тргнува во Робин Худ мисија – да ја срушат најголемата корпорација Evil Corp и да се судрат со „најбогатите 1% од најбогатите 1% кои си играат Господ без ничија дозвола“, по што ќе следува масовна дистрибуција на моќ и богатство. Тука, како и многу „алтернативни“ политички идеи, Mr. Robot и неговите хакери од FSociety не нудат алтернатива – се е фокусирано на рушење на Evil Corp која е столбот на модерниот tech-finance-oriented капитализам. Клучно е да се ослободиме од „лошите момци“ и потоа луѓето ќе си живеат во среќна идила.
Ако се погледне од друга перспектива, судбината на несвесниот народ е во рацете на десетина хакери кои „ќе си играт Господ без ничија дозвола“. Уште попроблематично е што оние кои треба да не однесат во „нов“ систем се всушност луѓе кои се обликувани и „оштетени“ од системот кој сакаат да го сменат. Елиот и Mr. Robot се очигледно луѓе со сериозен психолошки багаж. Колку истите се способни воопшто да артикулираат алтернатива, тоа е друго но сепак битно прашање. На страна што и Елиот не покажува некоја голема морална свесност додека им буричка по приватноста на луѓето, вклучувајќи и најблиските (по што се разликува од оние корпорации кои ги злоупотребуваат нашите лични податоци?), потег што си го оправдува со патернализам (демек ги штител од самите нив – образложението на секој политичар за секој патерналистички закон). Лично, ми се крева коса од помислата вакви луѓе да ме спасуваат или пак според нивната визија да се крои иднината.
На крај, ако освртот треба да го сведам на едноставна оценка (1 најлошо, 5 најдобро), би ја оценил Mr. Robot со 2.5 (приказна 2, глума 3, реализација на идејата досега 2.5). Треба тука да напоменам дека серијата всушност има генерално позитивни критики (некои одат до таму да велат дека Елиот ќе биде лик кој ќе остави трага на овој период на сцената на сериите, нешто налик Волтер Вајт од Breaking Bad што е навреда за ликот на Волтер), така да, можеби јас сум неоправдано критичен. Сепак дајте и шанса – можеби па ќе ве привлече доброто реално прикажување на хакерствата и проблемите на сигурносните системи.