Ова се тешки времиња за Фејсбук. После скандалот со нарушувањето на приватноста на над 50 милиони нивни корисници, Марк Цукерберг мораше да почне кампања за „перење на совеста“.
Цукерберг закупи цели страници во најпопуларните дневни весници низ светот. Во нив, тој објави извинување за протекувањето на личните податоци на корисниците (ако сакате да си ги најдете и зачувате податоците кои Фејсбук ги има за вас, Wired има одличен водич за тоа). Фејсбук веќе презема и чекори за спречување на ваков инцидент во иднина, преку лимитирање на податоците кои “third-party” апликации можат да ги имаат за нас.
Во меѓувреме, довербата на граѓаните во друштвената мрежа опаѓа (заедно со акциите). Граѓаните повеќе им веруваат на Гугл, Амазон и Микрософт отколку на Фејсбук, барем кога се работи за заштита на приватност.
Од друга страна, Федералната Трговска Комисија (FTC) на САД покрена истрага против Фејсбук, поврзана со скандалот Кембриџ-Аналитика скандалот. Од Цукерберг се очекува да се појави пред Конгресот на САД за да сведочи за околностите под кои тој настанал.
Вакво потресување на јавноста не се случило уште откако Сноуден ги објави информациите за тоа како НСА ги набљудува американските граѓани. Самиот Сноуден неодамна објави видео во кое се гледа како младиот Цукерберг самоуверено изјавува дека Фејсбук никогаш нема да ги злоупотреби податоците на своите корисници и да ја изигра нивната доверба.
Според Сноуден, Фејсбук – социјалната мрежа – е само маска зад која се крие нешто позастрашувачки: машинерија за шпионирање. Не е толку далечно времето во кое ова не изгледаше неверојатно. Дел од податоците кои ги објави Сноуден обелоденија партнерство помеѓу најголемите компании во Силиконската долина и НСА.
Но, со време, корисниците забораваат на ваквите информации и продолжуваат да уживаат во објавување на фотографии, видеа, и др. информации со кои го откриваат својот живот.
Не треба да заборавиме дека самите ја уништивме онлајн приватноста, преку објавување на огромни бази на податоци за нас и своите најблиски. Некаде пред 10 години, Цукерберг ги нарече оние кои го внеле својот мејл и лични податоци во Фејсбук „dumb fuc*s”. Директори низ Силиконската долина постојано предупредуваат дека приватноста е мртва. Ставот на Ерик Шмидт е добро познат.
Значи, не можеме да кажеме дека не сме предупредени. Само, не ги сфативме тие предупредувања сериозно. И сега се соочуваме со последиците. Приватноста е мртва. Сега треба повторно да оживее.