Колонизација на други планети, развивање на ултра-напредна вештачка интелигенција, и компјутеризација на речиси сите видови на уреди кои секојдневно ги користиме, се само дел од предизвиците со кои со години се занимаваат технолошките компании од Силиконска долина. Меѓутоа, еден од најамбицизоните предизвици кој се повеќе зема на замав, е наоѓање лек за погубната чума која засега е нерешлива енигма за човечката раса: Смртта.

Да се „реши“ смртта е нешто што малкумина се обиделе да го сторат (барем не на методичен и научно-поддржан начин, како што ќе видиме подолу), од причина што неизбежноста на смртта е (засега) непобоен факт. Според некои, таа е главниот мотиватор на луѓето за да направат промени во општеството. Во својот говор на Стенфорд Универзитетот, Стив Џобс ја нарече смртта „најдобриот изум на Животот.“ Но не сите се согласуваат и се помирени со овој став.

Вечната потрага по еликсирот на младоста

Потрагата по бесконечен живот е воочлива и од примери од далечната историја. Во Империска Кина, различни императори конзумирале токсични еликсири за кои верувале дека ќе им донесат вечен живот. Нивниот експеримент бил неуспешен, а тие умреле од труење од меркур. Во 1492 година, Папата Innocent VIII бил тешко болен и ги живеел своите последни денови. Во очајнички обид, тој наредил да им се плати по еден дукат на три 10-годишни момчиња, а за возврат тие се согласиле да му ја подарат својата крв. Папата верувал дека неговиот живот може да биде спасен, и продолжен доколку успее трансфузијата на младешка крв во неговото тело. Папата починал, но уште потрагично, заедно со него починале и сите три момчиња.

Нешто подоцна, во 1868 година, америчкиот претседателски кандидат Леонард Џонс, мислел дека постигнал бесмртност преку молитва и постење, и им ветил на граѓаните дека ќе им го открие начинот на кој тој ја измамил смртта. Тој починал од пневмонија, од причини кои се очигледни. Постојат и други експерименти кои завршиле неуспешно (во еден бизарен експеримент, руски научник вршел трансплантации на тестиси од шимпанзо во телата на возрасни мажи), но поентата е дека човештвото отсекогаш било во потрага по фонтаната на младоста.

Опсесијата на модерните претприемачи со смртта

Материјалното е секогаш на дофат за одредени претприемачи, без оглед на цената. Сепак, најамбициозните помеѓу нив сакаат да го имаат она што се уште нема цена: бесмртноста. За нив, смртта е грешка во генетскиот код, и е недозволива појава. Peter Thiel сака да живее до 120 години. Неговата позната изрека „ни ветија летечки коли, а добивме 140 карактери“ алудира на стагнацијата во технолошкиот развој, барем во секторите кои имаат најголем импакт во општеството. Поради тоа, тој инвестира во различни компании кои работат во биомедицината, и имаат за цел постигнување на физичка бесмртност.

Сергеј Брин се надева дека еден ден смртта ќе „биде излечена“. Оттаму потекнува и Проектот Calico, кој работи токму кон остварување на таа цел. Google донираше стотици илјади долари на Singularity универзитетот, кој организира предавања наменети за директори, со цел воочување на капацитетите на технологијата за решавање на најголемите предизвици со кои се соочува човештвото, меѓу кои се стареењето и смртта. Фондацијата на Лери Елисон пак, Ellison Medical Foundation, секоја година донира по 40 милиони долари во истражувања за спречување на смртта.

Уште од седумдесетите години од минатиот век, разни организации тврделе дека се многу блиску до наоѓање на лек со кој смртта ќе може да биде спречена. Очигледно тие тврдења не биле ништо повеќе од обични декларации. Во следниот текст, ќе видиме на кој начин овие претприемачи се вклучени во напорите за елиминирање на смртта, користејќи ги алатките кои ни ги овозможува развојот на модерната технологија.

Претходна статијаYouTube воведува видеа во 360 степени
Следна статијаInternet Explorer ќе замине во историјата, Microsoft се откажува од неговиот бренд