- Што е Silk Road?
Silk Road е (т.е. беше) дигитален црн пазар (т.е. сив*) под менаџмент на Dread Pirate Roberts (наводно алијас на 29 годишниот Рос Вилијам Улбрхит) на кој можеше да се тргува со се и сешто, со исклучок на детска порнографија, украдени кредитни картички, нарачки на убиства и оружја за масовно уништување. На Silk Road имаше над 10.000 производи, од кои околу 70% беа дроги. Според проценките на ФБИ, по основ на провизии, Silk Road заработил околу 80 милиони долари.
И тоа заслужено! Како што објаснува Брајан Доерти во својот текст „Како купувањето дроги онлајн стана безбедно, лесно и досадно“, од 950.000 регистрирани корисници на Silk Road цели 96% го оцениле сајтот со оценка 5 од 5 за consumer friendliness, 89% кажале дека го користат сајтот поради големиот избор на дроги, 77% поради квалитетот на услугата и дрогите и 69% поради удобноста и сигурноста. Се што може да посака да постигне еден успешен бизнис (занемарувајќи го карактерот на бизнисот), Silk Road го постигна.
Умешноста на Silk Road, од ИТ, но и од правен аспект, беше воспоставување на слободен пазар скриен во т.н. Deep Web (делот од Нетот кој не е индексиран од стандардните пребарувачи), функционирајќи преку Tor канали. Дополнително, на овој пазар секое плаќање беше со биткоини (крипто-валута), со што анонимноста на учесниците е скоро загарантирана. Секој кој ја цени анонимноста (приватноста), но и слободата на луѓето да разменуваат се што не е насилно стекнато, треба да го цени Silk Road, без разлика за неговиот личен став за дрогите и легитимитетот на законите кои криминализираат дела без жртви.
После неколку години, владата на САД подметнала скриен агент да работи за help desk-от на Silk Road, по што на 2 октомври 2013 година Улбрихт го апсат во библиотека во Сан Франциско и почнува судењето на деценијата. Обвинителството го обвинува за водење на „криминален бизнис за неовластено продавање дроги, компјутерски измами и перење пари“.
- Silk Road беше повеќе од бизнис – филозофијата на мирољубивост на Dread Pirate Roberts
Во горенаведениот есеј објавен на Reason, Доерти објаснува дека Silk Road претставуваше повеќе од обичен бизнис и можност за богатење на Улбрихт (што само по себе не е ништо лошо без разлика на анти-капиталистичката демагогија која постои на просториве). Имено, Улбрихт бил познат како скромен млад интелектуалец и компјутерски wizz кој живеел со тројца цимери. Според неговите пријатели и познаници, Улбрихт бил либертаријанец одлично запознает со идеите на Мареј Ротбард и Лудвиг фон Мизес (нешто што подоцна ФБИ пробуваат да го злоупотребат против него), познат по неговите Рон Пол маички. На неговиот LinkedIn профил пишува дека неговата цел е „да ја искористи економската наука како средство за минимизирање на употребата на присилба и насилство помеѓу луѓето…сакајќи да креира економска симулација која ќе им овозможи на луѓето искуство од прва рака како е да се живее во свет без системска употреба на присилба [се мисли на Државата пред се и насилните картели кои владеат на пазарот на дроги: м.з.].
Патем, Silk Road е класичен пример на агоризам – струја во либертаријанизмот која го промовира сивиот пазар како начин на слободно живеење (слобода на размена на се што не е насилно без разлика дали законите го дозволуваат тоа). Наместо да се трошат сериозни ресурси на едукација и политички активизам за промена на општеството, што вклучува големи напори за убедување на мнозинството во моралната и економската исправност на слободниот пазар, но и борба против лоби-интереси кои имаат директна финансиска корист од статус-квото, агористите промовираат создавање оази на слободата надвор од дофатот на железната рака на Државата. Не навлагајќи во одржливоста или пак исправноста на оваа идеја, но „таткото“ на агоризмот, Семјуел Е. Конкин (кој патем го сметал либертаријанизмот како дел од радикалната левица), сметал дека не треба да се бориме против политичката концентрација на моќта (Државата), туку треба да покажеме дека е непотребна. Мислам дека Silk Road успеа барем делумно во ова – се додека државата не го затвори сајтот.
Доерти во својот приказ на Улбрихт го цитира Дејвид Декару-Хету, криминологист на Универзитетот во Лозана и Џудит Алдриџ, професор по право на Универзитетот во Манчестер, кои тврдат дека Silk Road драстично ги намалува опасностите од измама и насилство во пазарот на дроги. Патем, Dread Pirate Roberts тврдел дека „картелите се всушност де факто насилни жедни-за-моќ „мини држави“ и се во блиски врски со политичките моќници…вашиот просечен дилер на марихуана, кој нема да повреди ниту мравка, е тој човек е мојот херој“. Според неговите изјави на форумите, една од целите на Silk Road била токму да ги исфрли насилните картели од синџирот на достава/понуда на дрогите.
Накратко, позади Silk Road стои идејата на аплицирана мирољубивост и борба за слободна размена на се што е доброволно прифатено од засегнатите возрасни страни, без разлика дали некој трет го одобрува чинот.
* Либертаријанците прават разликата помеѓу црн и сив пазар. Сивиот пазар е всушност слободна трговија на добра и производи без никакво насилство, само политичката каста ги определува како недозволени (без нивен амин); црн пазар е насилен пазар кој вклучува добра и услуги кои се украдени, присилно одземени или стекнати со измама.