future

Се се менува. Промената велат е единствената константа. Во овој модел тогаш, обидот да се остане на исто и надежта дека со одредени вештини засекогаш ќе имаме каква-таква материјална сигурност, е повеќе од очигледна илузија. Ова важи дури и за оние со компјутерски вештини и знаења. Новиот Милениум се карактеризира со страшна пенетрација на дигиталната технологија и го менува не начинот само на кој живееме и комуницираме, туку и начинот на кој работиме. Технолошката револуција ќе ја доживееме во полн ек кога милениумците – оние родени по 2000 година – ќе станат главни потрошувачи и пазарот ќе мора да се прилагодува на нивните потреби и барања. Како што вели Бил Гејтс, ќе мора да почнеме да го вкалкулираме овој факт во нашата ментална матрица и долгорочни планови.

Веќе зборував за неопходноста од индивидуално прилагодување на новата реалност, без разлика дали сте работник или бизнисмен. Поголемото прашање е што можеме да направиме како општество, како заедница.

Што и да правиме, мораме општествено и политички да прифатиме дека технологијата ни е најдобрата алатка која ја имаме за подобар живот на секое поле – политика, екологија, економија. Затоа мора да обезбедиме уште од сега широка критична маса која нема да дозволи одредени лоби групи и политичарите да бидат кочница на технолошкиот развој – ако веќе не можат да помогнат и да го олеснат процесот, тогаш не треба да им дозволиме да одмагаат со безброј регулативи и интервенции. Само на овој начин ќе можеме, како заедница, како држава, да излеземе победници од оваа битка.

Во еден претходен текст го цитирав реномираниот професор од МИТ, Ерик Бринјолфсон како вели: „технологијата оди напред и е извонредно како истата ја прави „питата“ поголема. Но, законодавците и луѓето стагнираат во овој процес.“ Потоа продолжува со три области во кои смета дека се потребни коренити реформи – образованието, бизнис климата и даночната политика.

Пред да шпекулирам на каде би требале да одат реформите во овие области, би истакнал дека ако сакаме да ја дигнеме Македонија на ниво во кое ќе се живее „не толку лошо“, туку фантастично добро, земја на можности наместо на очај и општа депресија, телемните вредности од Уставот – слободниот пазар, претприемаштвото и, да, социјалната правда – ќе ни го отворат патот.

Соодветното правно и филозофско толкување на овие концепти подразбира дека Државата ќе го стумилира технолошкиот развој со мерки кои го олеснуваат работењето во овој сектор – а не да зема од џебот на едните за да даде на другите (субвенциите не се пазарна опција и се во спротивност со духот на Уставот); дека Државата не смее да поставува непотребни бариери за влез на пазарот и да го отежнува претприемаштвото со red tapping; дека Државата нема да ја користи својата деликатна позиција за промовирање на политички конектирани бизниси и луѓе на сметка на слободите и просперитетот на останатите.

Во овие уставни рамки, прво, образованието треба да претпри сериозни реформи со цел да ги подготви децата и студентите на новото време и модерните пазари. Како што вели проф. Бринјолфсон, „нашите школи не се структуирани да ги научат нашите деца на креативни модерни вештини“. Ако ова може да се каже за американските школи, како едни од најдобрите во светот, што да се каже за македонските?! Потребни се сериозни инвестиции во модерна технологија и опремување на образовните институции и воопшто модернизирање на наставните програми. Сепак, за разлика од многумина, верувам дека вистинската реформа ќе биде само ако некогаш направиме темелита либерализација и приватизација на севкупниот образовен систем со цел да се вметне механизмот на конкуренција и подигање на квалитетот. Единствената улога на Државата би била да обезбеди пристап до образование за секое дете преку неколку јавни школи/универзитети кои би добивале средства од буџет во висина на стипендиите за децата на родители кои примаат социјална помош или пак ниски приходи.

Се разбира, Државата не треба да се меша во изборот на родителите каде ќе го насочат своето дете, но дефинитивно треба да го стимулира изучувањето на вештини од типот на инжинерство, компјутерски науки и природните науки. Како? Јас би одел со 100% даночно ослободување за секој родител кој ќе го запише своето дете во ваква образовна институција. Де факто овој вид на образование ќе биде бесплатен, истовремено рационализирајќи ги приходите на Државата.

Но, што со оние кои не се студенти и се веќе затекнати во технолошката револуција? Постојат фирми како Семос кои нудат голем број семинари и курсеви – потребни ни се многу повеќе вакви активности. Она што Државата треба да го понуди е 50-100% даночно ослободување за оние кои ќе инвестираат во себе во ваков тип на активности. Македонија е релативно сиромашна земја во која 90% од граѓаните живеат скромно и одвај го крпат месецот – секој дополнителен трошок е голема жртва која Државата треба да ја признае како даночен трошок.

Професорот Бринјолфсон одлично потенцираше кога изјави дека:

вистинската причина зошто ни треба поттикнување на претпримаштвото е бидејќи тоа се луѓето кои се задолжени за иновирање во новите индустрии кои ни се потребни за создавање нови работни места. Исто како што Хенри Форд помогна да се отвори нова индустрија која вработи милиони луѓе кои претходно работеа по фармите и Стив Џобс, Бил Гејтс и другите измислија целосно нови бизниси, ние мораме да ги пронајдеме новите индустрии од втората генерација на ерата на машините ако сакаме да ги вработиме сите оние луѓе чии работни места ќе бидат заменети од технологијата.

Во оваа насока, две работи се клучни: да не се одмага на претприемачите со безброј регулативи и red tapping и да се отворат слободни технолошки младински зони (ова го имам образложено во повеќе детали тука).

Последната категорија е даночната политика. Повторно морам да се сложам со професорот Бринјлофсон кога вели дека:

создаваме јама помеѓу она што работодавачот мора да го плати за својот вработен и она што всушност го прима како реална плата вработениот. И потоа му ветуваме голем број на бенефити. Сите од овие политики во суштина ги обесхрабруваат претприемачите да го користат трудот на работникот за да завршат одредена работа. Ова можеби не беше многу страшно во 19 и 20 век, но ќе мора да се промени во иднина. Ние ќе мораме да го отстраниме товарот при вработување на работници…

Очигледно е дека е потребна сериозна даночна реформа (која изгледа, за жал, одиме во спротивна насока со данокот за хонорарците) која ќе ги намали даноците и давачките по секоја цена со што ќе се направи и притисок за конечно деполитизирање на општеството, т.е. кратење на големината и силината на државната администрација и политичката каста.

Претходна статијаFacebook ќе ги намали прикажувањата на линкови измами со помош на корисниците
Следна статијаMintBox Mini – Мал компјутер кој работи на Linux Mint