pcb

Прво, мора да се фокусираме да се зголеми пристапот до образование и развој на вештини – нешто што само по себе ќе биде овозможено од технологијата; второ, да го оставиме пазарот да работи слободно …; трето, да создадеме силна социјална безбедносна мрежа…; loop-от се затвора кога рапидно ќе се зголеми технолошката продуктивност и ќе резултира во висок економски развој кој лесно ќе ја плати социјалната сигурност на секој кој има потреба. – Marc Andreessen, иноватор, инвеститор, претприемач, либертаријанец (твит на 1 јуни, 2014).

Силиконската долина (како и воопшто Сан Франциско) е поим за иноваторство и претприемаштво (многу повеќе за ова второто), накратко, за модерна пазарна економија. Комбинација на претприемачки дух, либертаријанска култура, приватниот Универзитет Стенфорд (со своите бизнис инкубатори) и добри про-пазарни политики на светот му ги подарија силиконските чипови, микропроцесорот, персоналниотот компјутер, најиновативните колективи кои некогаш постоеле како Google и Apple, но и безброј tech старт-апи од секоја област, почнувајќи од такси услугите (Uber), па се до образованието (Udemy)  … Претприемачката капиталистичка култура е веднаш воочлива и во оваа перспектива како изгледал Сан Франциско во 80′ и како изгледа денес. Седишта на илјадници старт-апи, мали бизниси, но и гиганти од корпоративниот свет како JP Morgan, а не „јавните скапи капитални проекти“, се оние кои денеска го дефинираат изгледот на Сан Франциско.

Зошто ние немаме своја Силиконска долина?! Како да ги промовираме и заштитиме нашите креативни млади умови?! Како би изгледала еден ваков проект? Кои се основите на кои треба да биде изграден? Во продолжение ќе шпекулирам за како би можеле да создадеме балканска Силиконска долина, модел кој ќе го разработувам и дотерувам во наредните текстови.

Сепак, најпрво, треба да одговориме што треба да претставува и постигне нашата Силиконска долина. Очигледно, таа треба да претставува простор во кој ќе цути и ќе се развива слободата, претприемаштвото и иновативноста. Зона која ќе овозможи слобода за сите оние храбри умови меѓу нас да покажеме што знаеме без никакви вештачки пречки и сопки од политичарите (па и од сите други кои мислат дека и туѓото е нивно); зона која ќе претставува boost и почеток на модернизација на македонската економија; но, пред се, зона која конечно ќе почне да го решава најгорливиот проблем во Македонија – младинската невработеност и отселувањето на младите. Што НЕ треба да претставува зоната?! Пред се, не зона која ќе падне на грбот на македонскиот даночен обврзник со чиви пари ќе се финансираат туѓи инвестиции.

[side note: може некој да ми објасни од каде потреба за волкав број на „слободни зони“, ако владее глобален капитализам/пазарна економија/слободен пазар (наречете го како сакате)?!]

Скопје 2020: модел за наша Силиконска долина треба да биде поставен пред се како политички акт, како израз на политичка волја на граѓаните на Македонија и нејзините претставници дека претприемаштвото, иновативноста, успехот, слободата и младите ќе бидат основата на нашата иднина. Како би го сториле тоа?

  1. Покренување на граѓанска иницијатива за носење на закон за создавање „слободна младинска зона“ (или пак измена на постојниот закон за слободни економски зони). Идејата е да се отвори широка дискусија и деталите од предлогот да добијат легитимитет од што поголем број засегнати граѓани и стручни лица и организации;
  2. За разлика од индустриските технолошки зони како и слободните економски зони кои воглавно се скроени за големите компании и каде што еден дел од поволностите доаѓа од џебот на даночните обврзници, слободната младинска зона би била виртуелен простор: доленаведените правила би важеле за секоја компанија, без разлика каде е регистрирана, која има најмалку еден член во менаџментот и најмалку 20% од вработените со помалку од 30 години со цел да се стимулира вработувањата и претприемаштвото кај младите (овој услов би можел да се менува соодветно во зависност од проценките да не се постигне непотребна рестриктивност);
  3. Исто како и во инд.тех.зони, овие фирми треба да имаат целосно даночно ослободување на данокот на добивка и данокот на приход, но и од сите останати регулаторни барања (со исклучок на законот за облигациони односи и кривичниот законик), со цел да можат слободно да ги развијат своите бизниси и да експериментираат со своите бизнис модели и кадрови политики;
  4. Фирмите во младинската слободна зона треба да бидат ослободени и од данокот за социјалната држава, т.н. „придонеси“, но само доколку најмалку 50% од износот кој би завршил во социјалните фондови би бил дониран/инвестиран во приватни и/или непрофитни организации со иста цел. Ова со цел да се развие доброволно, пазарно социјално општество кое ќе биде имуно на дел од инхерентните проблеми на државно-административните фондови и „присилната солидарност“ (бирократизација, технолошка стагнација, партизација, итн.);
  5. Истовремено, неопходна е поддршка од универзитетите, особено од економските и технолошките факултети, преку отворање бизнис инкубатори на самите универзитети, старт-ап лаборатории и слични модели со кои ќе помогнат во создавањето на наша Силиконска долина;
  6. На крај, со цел да можат вработувањата да се одвиваат слободно и трудот и капиталот да биде алоциран онаму каде што е најпотребно, Државата мора да запре (во најмала рака, да намали) со вработувањата со цел да не ги „цица“ кадрите, особено младите, во администрација. Ако ова биде прифатено од главните политички фактори и најавено однапред и транспарентно, веднаш ќе се ефектуира и во самиот квалитет на високото образование.

Ајде да ја отвориме оваа тема и да дискутираме за решенија.

Претходна статијаПуштени повеќе од 300 копии на The Pirate Bay од претставувањето на Open Bay
Следна статијаGoogle забрани ставање на сведоштва од корисниците во описот на апликациите