pic-overview3

Во една од претходните колумни пишував за способноста на (политичката) моќ да се реплицира и како покрај сите промени во технологијата, културата и економијата, светот на политиката е ригиден. Едноставно, демократијата како да му даде на народот лажно чувство на контрола со правото да ги менува оние на тронот со избори, додека пак како да има не-толку видливи канали на влијание кои го контролираат владеењето. Со тоа ние, граѓаните, ги менуваме властодршците, но не и начинот на владеење. Суштината ја креира некој друг – и оттука, задржување на статус-квото – додека пак за народот е циркузот (избори, политички дебати, караници итн.).

Дополнително на ова, самата природа на она што го нарекувам „перверзна демократија“, се почести се случаите каде што и формално, мнозинството е владеано од партиски структури избрани од малцинството, со оглед на се понискиот ценсуз за победа на избори. Каква перверзија а?

Оттука, и генералната апатија кај дел од либертаријанците (па и повеќето неутрални граѓани) да трошат енергија, време и пари на политички промени и се поголемото внимание на алтернативни начини на создавање послободни општества. Питер Тиел смета дека инвестирањето и користењето на потенцијалот на технологијата ќе игра голема улога во неконвенционалните модули на создавање слободни отворени општества:

Предизвикот денеска за либертаријанците е како да најдат начин како да избегаат од политиката во сите свои форми – од тоталитарните и фундаменталистичко-етатистички катастрофи, па се до неподносливото вмешување во нашите лични животи легитимирано со разулавената толпа во таканаречаната „социјална демократија“. Тогаш клучното прашање е за средствата, како да се ослободиме не со политика туку надвор од неа [beyond it].  Но, бидејќи навистина слободни земји не ни има во светот, мислам дека начинот на „бегство“ мора да вклучува некој вид на нови и оттука, непробани процеси кои би воделе кон неоткриени „земји“; и поради овие причини јас се фокусирав на новите технологии кои може да создадат нови зони на слободата.

На ова, Патри Фридман, внукот на големиот Милтон Фридман и син на пазарниот-анархист Дејвид Фридман (какво слободарско семејство е ова само!), ќе додаде:

Државите функционираат многу лошо, но ова не мора да биде така. Конкуренцијата ќе ги присили снабдувачите на управување [governance] да нудат високо-квалитетни правила и јавни услуги по разумна цена, притоа експериментирајќи со институционални иновации … досега, либертаријанците пробуваа да хакираат по маргините, додека малкумина удираа во коренот. Ние ќе се обидеме да ве убедиме дека коренот кон кој треба да се насочиме се всушност заплетканите мрежи на бариерите за влез и трошоците за префрлување на пазарот на управување [де факто, трошоците за преселба од една држава во друга: м.з.]. Секирата која ќе ја користиме е технологијата за да ги освоиме океаните.

На кратко, аплицирано hi tech претприемаштво за слободарски цели. Sounds cool right? Патри Фридман смета дека ваков тип на „технолошки активизам“ е потребен за креирање послободни општества и потсетува дека веќе крипто-анархистите креираат нови начини за безбедна (од увото на Државата) е-комуникација и тргување (преку биткоини и слични дигитални валути), Џулијан Асанж го користи Викиликс за да ги принуди владите на поголема одговорност и транспарентност, итн. Сепак, Фридман смета дека овие напори иако можат да донесат поголеми слободарски промени, не можат да имаат драстично влијание врз природата на Државата.  Затоа Патри Фридман заедно со Питер Тиел го формираат The Seasteding Institute со цел да овозможат „лебдечките градови да експериментираат мирољубиво со нови идеи за владеење и управување“. Институтот е тука да обезбеди решенија за инжинерските, технолошките, правните како и бизнис предизвиците на еден ваков sci-fi потфат, како и да ги привлече првите жители во овие градови.

За да се реализираат плановите на Институтот потребно е да се постигне договор со хост-држава која ќе ја гарантира целосната автономија на лебдечките градови во замена за економски, културни и еколошки придобивки. Во најмала рака, отварање нови работни места во областите како туризам, аквакултура, софтвер, како и градовите се планира да имаат капацитети за креирање и продавање енергија како и чиста вода на хост-државата, нешто што е и привлечно и за политичките лидери на државите. Згора на ова, лебдечките градови се планира да привлекуваат бизниси во областа на рециклирањето (за пластика), третманот на отпадните води кои завршуват во морињата, со што би имале голем еколошки бенефит за хост-државите (не ли е ова добра идеја за создавање слободни зони или старт-ап град-во-град каде што ќе се привлекуваат бизниси кои ќе адресираат големи општествени предизвици?!).

Оваа година се очекува Институтот да ги објави првите договори, а во 2020 година да ги видиме и првите лебдечки градови. Според проценките на Институтот, м2 во овие градови ќе изнесува околу 5.400 долари (слично колку во Њу Јорк), додека пак целиот проект (еден лебдечки град) би коштал околу 167 милиони долари.

Кога ќе се навлезе во деталите на оваа идеја – освојување на морињата како стратегија за создавање слободни општества – и не изгледа толку sci-fi. Концептот е туркан како одговор на предизвиците со високите бариери за влез на „пазарот на владеење/управување“ и големите трошоци за префрлување од едно на друго место на граѓаните, со што политичката каста нема голем поттик да управува одговорно и квалитетно. Проектот на Seasteding Institute патем има една голема предност: лебдечките градови се планира да се градат како лего-коцки, сите споени во една голема платформа но со способност да се одвојат од платформата и да отпловат во друг лебдечки град или пак некоја од постојните држави. Како што вели Патри,

овој проект ќе води до експериментирање и иновации во моделите на владеење и управување и ќе ги присили постоечките држави да ги подобрат своите политики или пак да исчезнат од недостиг на граѓани. Предизвиците за реализација на овој проект се големи, но потенцијалниот ќар е многу,многу поголем.

Нека им е со среќа!

Претходна статијаOne Touch Idol 3 – Alcatel продолжува со позитивните изненадувања
Следна статијаGoogle објави истражување за потенцијална технологија за распознавање на точни од неточни факти