Со мноштвото на податоци кои се генерирани со растечката употреба на „паметни“ електронски уреди, стануваме подложни на разна (зло)употреба на истите податоци од различни ентитети. Компаниите профитираат од мноштвото наши податоци, често на нечесен начин, без наше знаење. Како што нашите возила, кујнски апарати, и модни додатоци ќе бидат произведувани со вградени компјутерски чипови, обемот на овие информации ќе станува се помасивен. Од таа причина, тие ќе бидат уште позначајни за компаниите како Гугл и Фејсбук, чиј успех во голема мера е зависен од овие наши податоци. На тој начин нивниот софтвер станува попаметен и помоќен, што пак често значи дека крајниот корисник добива поквалитетна услуга.
Рецепт за беспрекорен живот?
Како што тие податоци се подложни на злоупотреба, така истите ни овозможуваат (паметен) преглед на нашите секојдневни навики. Фитнес тракери како што се Jawbone Up и Fitbit, а сега и паметните часовници кои сериозно грабаат на пазарот на часовници, ги следат бројот на нашите направени чекори, квалитетот (и квантитетот) на нашето спиење, колку течности имаме испиено во текот на денот, колку калории конзумирано, и многу други категории на податоци. Со овие податоци, можеме да направиме “tweak” на одреден сегмент од нашето секојдневие, и да си го подобриме сонот, метаболизмот, а со тоа и квалитетот на нашиот живот.
Потенцијалот за себе-подобрување е огромен. Сепак, засега сме оставени во голема мера да ги толкуваме податоците сами, поради несовршеноста на овие уреди, и поради недостатокот од супер интелигентен помошник кој ќе ги „свари“ овие податоци и ќе ни дава паметни препораки (помислете на Саманта од Her). Тракерите се одлични во својата првенствена цел: генерирање на податоците. Но, во останатите нешта се уште не го постигнале идеалното ниво.
Quantified self
Идејата за подобрување на сопствениот живот со мерење на различни податоци од секојдневието потекннува од иницијативата „Quantified self“. Иницијативата ја започнал новинарот Гери Вулф, кој во 2007 година го сооснова (заедно со Кевин Кели од Wired) блогот “Quantified self” со што се создава цело движење насочено кон квантифицирање на личните податоци. Следење на квалитетот на спиењето (дали сум постигнал РЕМ фаза), расположението (во кој дел од денот сум среќен а во кој тажен и зошто), како се чувствувам кога јадам премногу јаглехидрати, а како кога внесувам доволно протеини? Нашите мобилни телефони овие луѓе ги користат за подобро спознавање на себеси, а секој податок се користи за дополнителна анализа.
Потенцијалот од вкрстувањето на технологијата и движењето за само-подобрување носи безброј можности. Замислете си социјална мрежа составена од аватари на лица кои патат од разни болести, и кои со тракери го следат секој аспект од животот. Земете го предвид текстот на авторите од Wired:
Замислете човек со дијабетес, кој во текот на ноќта има високо ниво на шеќери во крвта, но не е во можност или не е мотивиран да разбере зошто. Што ако таа може да ги види профилите и податоците на други луѓе како неа, и да види каде таа спаѓа во однос на “нормалното”? Што ако таа би можела да започне дијалог со други луѓе како неа, или да добие емоционална поддршка кога таа и е потребна?
Ризикот од злоупотреба на овие податоци е голем. Оттаму, круцијално е да биде познато кој може, и треба да има пристап до овие податоци, и на кој начин истите ќе ги употребува.