Секоја година, од 1998 па наваму, познатиот сајт за наука Edge (некои дури го нарекуваат и „најголемиот виртуелен истражувачки универзитет во светот“) објавува предизвикувачко прашање на кое се повикани да одговорат едни од најголемите умови на денешницата. Прашањето за оваа година е „Што мислите за машините кои размислуваат“, a одговорите кои веќе се објавени на веб ќе бидат публикувани и во книга со истиот наслов. Уредниците на Edge го врамуваат прашањето во следниот оквир:
„Во последните години, ерата на филозофските дискусии за вештачката интелегенција (AI) – дали компјутерите можат „навистина“ да размислуваат, да бидат свесни итн. – не доведе до нови дискусии како всушност да се справиме со формите кои според многумина веќе се дел од нашата реалност. Овие „AIs”, ако постигнат „суперинтелегенција“ (Ник Бостром) може да претставуваат „егзистенцијален ризик“ кој ќе води до „нашиот финален миг“ (Мартин Рис). Стивен Хокинг се појави во меѓународните весници со изјава дека „развојот на целосна вештачка интелегенција може да значи крај на човекот“.
Но, почекајте. Не треба да се запрашаме што мислат машините кои мислат?! Дали тие очекуваат или бараат „граѓански права“? Дали имаат чувства? Какво ли политичко уредување (за нас) би одбрале? Какво општество сакаат за себе? Дали „нивното“ општество е истото со „нашето“? Дали ние, и AIs, ќе се вклучиме себеси во нашите кругови на емпатија?“
Од поголем број одговори најмногу око ми фати оној на Мет Ридли кој работеше девет години како главен уредник на делот за наука во престижното меѓународно списание The Economist. Се разбира, одговорот е провокативен, длабок и луциден што треба да се прочита целиот (мала напомена: можеби сум пристрасен бидејќи Мет Ридли ми е еден од омилените блогери и пред да го објави овој текст).
Ако очекувавте директен одговор на горенаведените прашања, побарајте го кај другите автори. Според Ридли самото прашање што мислат машините ја промашува поентата. Главната акција, развој и потенцијал лежи во интеракциите помеѓу машините, а не во нив. Тој потсетува дека развојот на вештачката интелегенција се забрзува токму во моментот кога машините се поврзуваат преку интернетот, исто како што развојот на човештвото започнува откако започнува поделбата на трудот и специјализацијата најпрво испробана пред околу 300 илјади години во Африка. Развојот и потенцијалот на една машина, извлечена од „мрежата“ на машините, е генерално ограничен, исто како што и развојот и потенцијалот на изолираните луѓе е лимитиран.
Во својот феноменален есеј, „Јас, молив“, Леонард Рид ја објаснува важноста на поделбата на трудот со приказната за производството на моливот. За нашите читатели можеби поинтересна е модерната верзија од овој есеј, со „паметниот телефон“. Имено, ниту еден човек сам, дури и CEO-то на Самсунг, не ни знае ниту пак може да направи мобилен. Овој производ не доаѓа од умот на еден човек, ниту пак производството е контролирано и диригирано од еден центар. Илјадници луѓе – дизајнери во Калифорнија и Њу Јорк работат на дизајнот; пластиката е од преработка на сирова нафта извадена од места во Канада, Тексас и Русија; бакарот во матичната потекнува од рудници во Чиле, САД и Австралија; ЛЦД екранот е направен во Ј. Кореа… – голем дел од нив не се ни свесни за целиот процес, не се ни познаваат, ниту пак се интересираат еден за друг. Но, вмрежувањето на истите во глобалниот пазар е силен reinforcing механизам на непредвидливи иновации, на креирање нови проблеми и наоѓање на креативни решенија на истите.
Исто е и со вештачката интелегенција. Како што вели Ридли:
Вистинскиот трансформативен гениј на човековата интелегенција не е во размислувањето на секој поединец посебно, туку интелегенцијата на колективно, колаборативно и дистрибуирано ниво … ефектот на вмрежување е клучната варијабла. Во иднина, вмрежувачките феномени како block-chains, технологијата позади критпо-валутите, најверојатно ќе биде најрадикалниот пример на [што може да постигне] вештачката интелегенција.
п.с. Пред некој ден отворивме дискусија со пријатели од различни идеолошки кампови за оправданоста на субвенциите. Дел од нив тврдеа дека Државата треба да субвенционира проекти со потенцијални далекусежни ефекти кои пазарот не би ги искористил поради тоа што истите не би биле профитабилни на краток, па можеби ни на среден рок (НАСА тип активности). На страна многу „дупки“ во овој аргумент, еве еден интересен податок кој оди контра оваа теза. На еден од најдобрите универзитети во светот (патем, приватен), Стенфорд, инициран е проектот AI 100 на кој работи тим од научници, филозофи, правници и други експерти со цел да ги процени и митигира сите негативни ефекти кои би можеле да се појават при развојот на вештачката интелегенција. Да не зборуваме за големите инвестиции на Google во проектот за пронаоѓање лек за бесмртност како и многу други вакви потфати од технолошките приватни корпорации со потенцијални далекусежни ефекти кои на краток, па ни на среден рок, не се профитабилни.