Сиднеј, Австралија. Ман Х. Монис, вооружан религиски фанатик, држеше десеттина луѓе заложници во кафич повеќе од 16 саати, пред да влезе полицијата и да му пресуди. За жал, заложничката драма заврши со двајца недолжни луѓе убиени и тројца во животна опасност.
Покрај осудите на религискиот фанатизам, на тапет се најде кој друг ако не Uber, американската модерна такси-компанија (позната и како „омилената компанија на Ayn Rand) и тоа од сосема различна причина: додека немаше никаде друго такси и јавниот транспорт беше целосно блокиран, им помагаше на луѓето во околината да избегаат од опасната зона.
Но, во вакви ситуации – имајте предвид дека никој друг не им бил на располагање на луѓето (!) – Uber го вклучува т.н. „surge pricing“. Како што е транспарентно објаснето на самиот блог на Uber пред новогодишните празници во 2012 година:
Цените ќе пораснат со цел да се максимизира бројот на достапни коли во текот на пиковите – и, автоматски ќе се намалат кога ќе има доволно коли на вашите улици. Го правиме ова од единствена причина да обезбедиме дека Uber е секогаш достапен, дури и за Нова Година!
Идејата е едноставна: наместо фиксни цени кои не одговораат на реалните потреби на пазарот во даден момент (ви текнува како никаде нема такси кога најмногу ви треба?!), Uber ги нуди своите услуги во зависност од потребите на луѓето in real time. Едноставно, со повисоки цени поттикнува што повеќе коли да возат во време кога има најголема побарувачка (исто како што со повисоки плати се привлекуваат работници на поопасни работни места, како на пример, возач во Авганистан или пак работник на нафтена платформа).
Кога има кусок во понудата, цената автоматски се покачува, создавајќи поттик за возачите да излезат на улица. Цената расте се додека нема доволно коли за да ја задоволат постојната побарувачка. Под претпоставка дека ги креваме цените доволно брзо за да одржиме здрава понуда, секогаш ќе има достапна Uber кола во било кој момент.
Развојот на технологијата (Internet of things) и „паметните телефони“ и овозможуваат лесно да препознае кога и каде е ваква ситуацијата и автоматски се вклучува „surge pricing“. Механизмот е целосно транспарентен (no surprises policy) и кога ја вклучувате апликацијата ви кажува дека доколку побарате кола во тој момент, во таа локација, ќе платите поскапо – и ви кажува колку поскапо во споредба со вообичаените цени. Ваш слободен избор е дали ви одговара цената или не.
Токму овој механизам кој се заснова на координативниот ценовен механизам на пазарот (како што е објаснето во видеото) му овозможи на Uber да ги поттикне своите возачи да бидат присутни во околината на кафичот во Сиднеј во кој се случуваше заложничката драма. Извонредното е што дури и во вакви тешки ситуации механизмот на Uber ги дава очекуваните резултати. Пак ќе повторам, додека немало ниту една друга такси компанија, а јавниот превоз бил целосно блокиран, услугите на Uber биле достапни за луѓето кога најмногу им требале. Да, наплаќале за ова тродупло од вообичаените цени, но другата алтернатива би била вообичаени цени, но нула коли!
Дури и кога менаџерите на Uber дознале што е причината за активирање на surge pricing-от (сепак, механизмот се активира автоматски) им ги вратија парите на луѓето.
Но, пак залудно. Јавноста во Сиднеј, а и пошироко со оглед на популарноста на Uber и тоа како реагираше и ги натера да се извинат зошто ја „злоупотребиле тешката ситуација на луѓето“. А некој да прашаше дали токму surge pricing-от на Uber не беше главната причина зошто нивните коли беа достапни за избезумените луѓе?!