Големите политичко-економски проблеми често не обземаат во Македонија. Ретко се дискутира за меѓународните случувања, па дури и во контекст на што можеме да извлечеме како лекции за нашата економија. Една од овие тектонски промени за која малку сме свесни е „дигиталната револуција“ која ни се случува пред нос, па оттука не ја користиме за креирање нови работни места, развој на „модерно претприемаштво“ и либерализација на пазарите.
Оваа дигитална револуција креира нов економски модел заснован на либертаријански премиси, предизвикувајќи ги воспоставените картели и гушечките регулативи, модел попознат како кооперативен капитализам или пак sharing economy.
… Интернетот, „паметните телефони“, електронските плаќања, GPS, онлајн рангирања и социјалните медиуми го трансформираат начинот на кој водиме бизнис, начинот на кој располагаме со капиталот и луѓето со кои соработуваме. Uber … заедно со Skype, oDesk, elance, TaskRabbit, Blablacar, GetAround, Lyft, WhatsApp, MeetUp, Etsy, YouTube, Facebook, DuoLingo, Quirky, TopCoder, Enigma.io – оваа листа е бесконечна – градат компании на многу поефикасен и поинаков начин него во минатото.
Овие компании извршуваат само еден дел од задачата, делот кој изискува голема организација [обезбедуваат рамка во која корисниците, од страната на понудата и побарувачката, се слободни да се договораат и да соработуваат: н.з.]. За останатото тие соработуваат со голем број мали независни партнери да го вршат локалниот, специфичниот и специјализираниот дел од работата. Заедно, тие ги делат своите средства и процеси со цел да обезбедат услуги на драматично поефикасен начин и често по драстично пониски цени. Секој сегмент – корпоративниот и партнерскиот – се потпираат на придонесот од другиот за да се изврши услугата. Го замислувам овој организациски модел како Peers Inc. Лансиран е нов економски модел кој ќе го замени стариот начин на водење бизнис… (објаснува Robin Chase).
Една од овие компании, дел од т.н. sharing economy, е и Airbnb, старт-ап основан во 2008 година во Сан Франциско, Калифорнија. Како што вели самата компанија: „дали е апартман за една ноќ, замок за една недела, или пак вила за месец дена, Airbnb ги поврзува луѓето во уникатно патувачко искуство, по било која цена, во повеќе од 34.000 градови во 190 земји. Со првокласна услуга за клиентите и растечка заедница на корисници [повеќе од 1 милион луѓе ја користат оваа апликација месечно!: н.з.], Airbnb е најлесниот начин како луѓето можат да заработат нешто екстра ако имаат макар и соба плус …“.
Де факто Airbnb создаде рамка (!) во која се развива пазар за изнајмување на смештај, од секаков вид. Доколку имате достапна соба, цел стан или пак дури и камион или брод (да, луѓе изнајмуваат и камиони и бродови за спиење), вие може да се регистрирате на Airbnb, како што тоа веќе го прават многу македонци, и да заработите некој денар плус изнајмувајќи го вашиот имот. На кого?! На милиони потенцијални муштерии од целиот свет.
Airbnb ја обезбедува платформата на размена – самите корисници се оние кои се грижат истата да функционира преку активно инволвирање во процесот со свои коментари за смештајот и сопственикот. Дополнително, самата компанија превзема сериозни чекори за да обезбеди доверба помеѓу корисниците, како и безбедност за двете страни. Искрено, занемарувајќи ги моите про-либертаријански вредности, старт-апи како Airbnb, Uber и сличните на нив, како и воопшто моделот на кооперативен капитализам, целосно ги прави излишни регулаторните и инспекциски функции на Државата (ако воопшто некогаш имале легитимна улога).
Денеска Airbnb хостира над 800.000 понуди на смештај во 33.000 градови во 192 земји. Во април 2014 година компанијата беше вреднувана близу 10 милијарди долари. Ако се стават истите бројки во перспектива, Airbnb понуди ист број на смештаи за изнајмување во само 4 години за што на Intercontinental Hotels Group, најголемиот ланец на хотели во светот, му беа потребни цели 65!
Се разбира, вакви иновации и развој на ваков бизнис модел е можен само во про-капиталистички уредувања (и веќе објаснив зошто) и е патем зајакнување, додавање на уште еден иновативен слој, на пазарната економија. Сепак, главното прашање е: кои лекции и политики можеме да ги извлечеме за развој на кооперативен капитализам во Македонија! Одговор во некои од следните текстови.