Општо познато е дека ретко или никогаш, не ги читаме политиките за приватност и условите под кои прифаќаме да пристапиме кон услугите на одредени интернет компании.
Досадниот (и често конфузен) бирократски жаргон, должината на текстот и желбата што побргу да ги уживаме тие услуги не спречуваат да прочитаме на што всушност ние се согласуваме кога пристапуваме кон тие сајтови. Според едно истражување пак, за да ги прочитаме политиките на приватност на сите веб-страници кои ги посетуваме, потребни би ни биле околу 30 работни денови – секоја година.
Дека никој не ги чита овие досадни и долги документи покажува и примерот со гејмерскиот веб-сајт www.game.co.uk, кои во 2010 година во документот каде што се опишани условите за користење на услугите на нивниот сајт (terms of use) ја вметнаа следната клаузула:
“Со пласирање на порачка преку овој веб сајт на првиот ден од четвртиот месец од 2010 година, вие се согласувате да ни доделите не-преносливо право на сопственост, за век и навека, на вашата бесмртна душа.”
Според нивните податоци, дури 7500 корисници ги прифатиле овие услови (за среќа, game.co.uk сепак не го „уновчиле“ правото да ја одземат душата на нивните корисници), односно не ја искористиле опцијата „opt-out“ која можеле да ја изберат, што значи дека или не им било гајле или воопшто не ги прочитале овие зборови (најверојатно е второто).
Одиме понатаму, што ако ви понудам бесплатен WiFi пристап, но само под еден и единствен услов: да се откажете од вашето првороденче – дали би ги прифатиле тие услови? Доколку навистина постојат личности кои би одговориле ДА, човештвото е во голема опасност. Сепак, ваков социјален експеримент неодамна бил спроведен во реалноста и навистина, 100% од корисниците едногласно ги прифатиле овие услови без да прочитаат (и знаат) што всушност опфаќа нивната согласност.
Mikko Hyppönen, експерт за безбедност од Финска и неговата компанија F-Secure, во Лондон поставиja Wi-Fi “hotspot”, при што на корисниците им ги понудија следниве услови за користење:
“ВАШЕТО ПРВОРОДЕНО ДЕТЕ: Со користењето на оваа услуга, вие се согласувате да го предадате вашето првородено дете на F-Secure, кога и да го побара тоа компанијата. Доколку немате деца, ќе биде одземено вашето најомилено домашно милениче. Условите на овој договор имаат бесконечна важност. “
Овие услови нема да бидат важечки во судовите на Англија, чии закони сепак не дозволуваат трговија со деца, но поентата е постигната и се наметнува прашањето: ако никој навистина не ги чита политиките на приватност и условите на користење, тогаш зошто всушност постојат тие документи? Ако горниов експеримент не учи на нешто (освен за ризиците од употреба на јавно отворени WiFi мрежи) тоа е дека овие документи се застарен модел на барање accountability од компаниите кои ги злоупотребуваат и тргуваат со нашите податоци без наша (информирана) согласност.
Време е да се отарасиме од овој модел на празни ветувања и да бараме нови, посовремени методи со кои ќе се постигне информирана согласност (или несогласност) на корисниците, а компаниите ќе се соочат со последици доколку не ги почитуваат принципите кои самите ги воспоставиле.
За крај, една освежувачки искрена политика на приватност, сопственост на интернет пребарувачот Skipity:
“Ние цврсто веруваме дека приватноста [е] непоследична и небитна за вас. Ако не беше вака, најверојатно немаше да имате профил на Facebook, Twitter или LinkedIn: и секако немаше да користите пребарувач како Google. Ако сте еден од оние лудаци кои на својата глава имаат „капа од алуминиумска фолија“ и навистина се грижите за приватноста: престанете да ги користите нашите услуги и најдете си друга занимација во животот.
Ние се согласуваме со понизната изјава на Марк Цукерберг дека “Ерата на приватност е завршена.”