Паркинсоновата болест е дегенеративно пореметување на централниот нервен систем. Веќе пишувавме за најразлични справи, како ова пенкало, кое им овозможува на пациентите да пишуваат рачно со намалена тешкотија, и оваа лажица исто со намера за помош на пациентите при јадење.
Сепак, дијагностицирањето на оваа болест е многу бавно. Според анализата на истражувачите од MIT, дијагнозите во главно се прават во рок од околу 10 години од првите симптоми, што е навистина долго време. Затоа, тие одлучиле да искористат една редовна човекова активност за да се обидат да ги откријат почетните знаци за оваа болест. Таа активност е куцањето на тастатура.
Имено, кога човек е нормално наспан, буден и сконцентриран, неговото куцање на тастатура е течно и има одредена редовна пауза меѓу допирањето на тастерите и регистрирањето на сигналот во мозокот, кој кажува дека буквата е внесена и може да се продолжи со следните. Меѓутоа, кај луѓето кои биле ненаспани и кај пациентите со Паркинсонова, куцањето ја губи својата течност и е ератично, а корисникот ги држи тастерите притиснати подолго време. Истражувачите го тестирале ваквиот феномен низ тастатура, а потоа го подвргнале на софтвер за препознавање на начинот, што овозможил да се забележи оваа разлика во куцањето.
Истражувачите сметаат дека ваквиот тест, иако многу едноставен, ќе може да помогне во дијагностицирањето на рани знаци за Паркинсонова болест уште пред да бидат очигледни, и тоа користејќи супередноставна метода. Едноставно тестираниот корисник ќе треба да откуца било каков текст, а потоа ќе се анализира конзистентноста на неговите движења со прстите. Тие ќе почнат да работат и на апликација за преносни уреди за да може секој корисник да се истестира по дома и да открие дали има шанси да ја има оваа невродегенеративна болест. Секако, се препорачува да не се прави тестот кога сме уморни бидејќи можеби ќе си дијагностицираме болест каде што ја нема.