AdBlock Plus, еден од најпопуларните додатоци за прелистувачите, сега е достапен на мобилните платформи преку сопствен прелистувач. Наречен AdBlock Browser, прелистувачот доаѓа со вградени функции кои што треба да го подобрат корисничкото искуство при сурфање блокирајќи ги „досадните“ реклами, но и додатни работи како tracking cookies, малициозни страни, копчиња од социјалните мрежи и слично.
Исто како што е случајот со додатокот за десктоп прелистувачите, така и AdBlock Browser овозможува основно автоматско блокирање на одредени реклами, блокирање на сите реклами, како и избор на веб страни на кои што рекламите нема да бидат блокирани.
AdBlock Browser е достапен за корисниците на Android и iOS. На двете платформи беа достапни приватни и јавни бета верзии врз основа на кои што е изработена финалната верзија достапна од оваа недела.
На Android, прелистувачот е направен на основа на отворениот код на Mozilla Firefox, па корисниците ќе имаат познато корисничко искуство со додадени функции. На iOS прелистувачот е направен на основа на Kit Browser кој што наскоро ќе биде достапен за корисниците.
Од AdBlock истакнуваат дека рекламите на страните го забавуваат нивното отворање, најчесто вклучуваат и колачиња за следење на корисниците, а не ретко и малициозен софтвер. Користењето на нивниот прелистувач овозможува подобрување на брзината на отворање на страните, намалување на потрошениот интернет сообраќај, па дури и заштеда на батеријата до 20%.
AdBlock Browser е достапен во соодветните продавници за апликации, а можете да го симнете и преку следните линкови.