Adobe Photoshop е апликацијата без која дизајнерите едноставно не можат. Иако постојат повеќе алтернативи на истата, луѓето кои заработуваат од својата работа со слики, Photoshop секогаш им е првиот избор.
Одредени прилично намалени верзии од Photoshop се веќе достапни на мобилните и таблет компјутерите, меѓутоа веќе одамна се чека на целосна верзија од оваа апликација за таблет компјутерите.
Microsoft веќе ја има предноста со своите таблет компјутери кои работат на Windows 10, па на нив може да се инсталира целосната десктоп верзија од Photoshop, па останаа таблет компјутерите кои работат на мобилните оперативни системи.
Не е чудно што тука предноста ја има iPad, уред за кој веќе подолг период се чека претставување на целосна Photoshop верзија. Истата конечно е тука, а Adobe на посебен настан во текот на вчерашниот ден ја прикажа Photoshop CC верзија за iPad која ќе им стане достапна на корисниците од идната година.
Оваа верзија, како што нагласивме на почетокот, е целосната верзија од Photoshop која е достапна за десктоп компјутерите. Двете апликации го делат истиот код, па корисниците можат да ги очекуваат истите функции и алатки, иако нагласено е дека во првата верзија од апликацијата, нема веднаш да бидат сите вклучени.

Корисниците исто така може да очекуваат континуирана работа помеѓу уредите. Работата започната на iPad преку синхронизација со Adobe Creative Cloud ќе може да се продолжи на десктоп. Со оглед на фактот што се работи за истата апликација, корисниците нема да треба да прават конвертирање на датотеките, односно тие доаѓаат во истиот формат кој се користи на десктоп.
Photoshop на iPad е конечно возможен поради напредокот на овие уреди кои веќе имаат значително подобра процесирачка моќ од пред неколку години. Тие се повеќе се користат како замена за класичните десктоп и лаптоп компјутери, па овие „стари“ уреди ќе останат уште некој период да бидат незаменливи само за најсилните апликации, како тие за видео измена и слични.