AirDroid е апликација за Android која што овозможува да се поврзете со вашиот телефон преку Wi-Fi користејќи го вашиот интернет прелистувач на вашиот компјутер. Тоа овозможува да без потреба од USB кабел, се поврзете на вашиот мобилен телефон од компјутерот и завршите одредени активности.
Апликацијата ви овозможува да префрлувате фајлови помеѓу уредите, да ги менаџирате вашите слики, видеа и музика, да инсталирате апликации, да ставате рингтонови, да ја прегледувате вашата листа со контакти и направени разговори, да ја користите вашата камера и слично.
Оваа апликација е навистина корисна и е можеби најпопуларната од ваков вид во продавницата за апликации. Постои околу 3 години и е редовно надградувана, па сега е стигната до својата 3-та верзија која што донесува неколку новини.
Главната новина во новата верзија од AirDroid е претставувањето на десктоп апликација која што ќе може да се користи наместо веб интерфејсот. Сепак истата на почеток нема да ги нуди сите можности достапни преку интернет прелистувач, но затоа вклучува неколку кои што се нови и се достапни само преку неа.
Десктоп апликацијата, која што е достапна за корисниците на PC и Mac, овозможува пресликување, односно mirroring на екранот на мобилниот уред на вашиот десктоп компјутер. Тоа значи дека можете да правите одредени работи кои што ги имате само на вашиот мобилен, преку вашиот компјутер, без потреба од негово чепкање.
Покрај тоа, апликацијата ќе овозможи поврзување на нотификациите, со што истите ќе можете да ги гледате преку вашиот компјутер.
Оваа функција може слободно да се каже дека потсетува на Continuity функцијата која што Apple ја претстави со најновите верзии од нивните оперативни системи, iOS 8 и OS X Yosemite. Со се поголемото користење на мобилни уреди и десктоп компјутерите кои што се’ уште се користат во голем број, можноста за поврзување на двата видови на уреди ќе станува се повеќе популарна.
За жал, на почеток оваа најинтересна функција на десктоп апликацијата ќе може да се користи само доколку користите рутуван (rooted) мобилен уред, а од компанијата истакнуваат дека работат со производителите за овозможување за сите корисници.
Покрај овие две функции, десктоп верзијата од AirDroid ќе вклучува неколку од тие преку веб. Па така, преку апликацијата ќе можете да префрлувате фајлови, да работите со вашите SMS пораки, како и со вашите контакти.
AirDroid апликациите можете да ги симнете преку нивната главна страна, како и преку Play продавницата за апликации.
Извор: AirDroid