Со пуштањето на iOS 17.4 минатата недела, Apple ги донесе и промените кои се наметнати од новите закони во ЕУ, а со тоа се отвори за првпат можноста корисниците да инсталираат апликации од алтернативни продавници, не само од App Store.
Ова се само дел од новините кои ги донесе оваа верзија на iOS, која вклучува уште неколку „европски“ новини, но во овој случај нас на интересира таа за инсталација на апликациите.
Apple најави уште една можност поврзана со инсталацијата на апликации надвор од App Store, исто така достапна само за корисниците во Европската Унија.
Инсталацијата на апликации ќе може да се прави и директно од веб страните, но очекувано, Apple за тоа постави неколку правила, односно критериуми кои ќе мора да се следат.
Програмерите кои ќе сакаат да можат да ги понудат своите апликации од нивните страни ќе мора да бидат авторизирани за истото. За да можат да бидат авторизирани, програмерите ќе мора да се дел од Apple Developer Program повеќе од две години и да имаат апликација во App Store која е симната повеќе од 1 милион пати во претходната година.
Програмерите ќе мора да објавуваат информации за апликацијата поврзани со приватноста, а исто така ќе мора да поминат преку новиот процес на „нотаризација“ на апликациите.
На крајот, доменот кој ќе се користи за достапност на апликациите ќе мора да биде регистриран во App Store Connect.
Оваа нова можност не е веднаш достапна со iOS 17.4, па се очекува да биде пуштена со наредната верзија од системот.