Според патент кој што го има поднесено Apple, компанијата работи на имплементација на систем кој што ќе ви даде шанса да исправите некоја грешка во SMS порака што ќе ја забележите по стискање на копчето send.
Времето кое што ќе го имате да ја исправите пораката е кратко, односно додека телефонот сеуште комуницира со мрежата, па доколку не ја прифатите понудата за измени, пораката ќе биде испратена во оригиналната верзија.
Ова е интересна функција поради фактот што секој од нас имал ситуација кога има испратено порака само да забележи подоцна каква грешка има направено. Ова е посебно случај со земјите каде што auto correct функцијата работи на нивниот јазик, па многу од грешките настануваат поради лошо препознавање на зборот што корисникот сакал да го напише и менувајќи го со некој тотално друг збор со друго значење. Сигурно ги имате видено на интернет оние смешни слики со по грешка испратени пораки каде што испраќачот едно мислел, меѓутоа auto correct функцијата го има сменето зборот во нешто што на крај излегува смешно.
Ваква можност нуди Gmail сервисот, со тоа што системот функционира на различен начин, па таму можете да го изберете и времетраењето на тоа колку системот ќе ве чека пред да ја испрати пораката.
Сепак оваа функција е во фаза на патентирање, па сеуште не е достапна, а и не значи дека сигурно некогаш ќе биде воведена.