BitTorrent Sync е апликација достапна за сите десктоп платформи, односно Windows, OS X и Linux, како и на мобилните Android и iOS. Она што ви овозможува оваа апликација е синхронизација на папки од различните уреди, со што добивате сопствен cloud систем за складирање на податоци, односно ваш сопствен Dropbox, Google Drive, SkyDrive, Ubuntu One.
За разлика од горенаведените cloud storage сервиси кои што складирањето на податоците го прават на нивните сервери, па потоа преку достапните апликации овозможуваат пристап до нив, BitTorrent Sync го прави истото, меѓутоа без користење на сервери. Вашиот компјутер или било кој друг уред го претставува серверот во овој случај, односно не доаѓате во контакт со надворешни сервери, нешто што е популарно во време кога приватноста е загрозена од повеќе страни, а обидот на луѓето да ја заштитат истата е се поголем. BitTorrent Sync воспоставува шифрирана AES – 128 комуникација помеѓу вашите поврзани уреди користејќи го нивниот BitTorrent протокол, односно peer-to-peer начинот на комуникација користен во споделувањето на torrent фајлови.
Големината на фајловите, како и брзината на симнување и качување не е ограничена, освен од вашата интернет конекција, што во денешно време не претставува некаков проблем посебно со развојот на оптичките мрежи и симетричните интернет брзини. Ова значи дека вашиот главен компјутер дома или во вашата канцеларија може да го оставите вклучен и да имате пристап до папката што ја имате поставено да се синхронизира и секогаш да имате пристап до нејзините фајлови.
BitTorrent Sync функционира на тој начин што кога ќе ја инсталирате апликацијата на вашиот десктоп избирате папка која што сакате да се синхронизира, а имате можност да додадете уште колку сакате други папки. Потоа треба да додадете друг уред кој што ќе има пристап до оваа папка, односно уред на кој што ќе се синхронизира истата. Тоа можете да го направите на друг десктоп компјутер или на мобилна апликација. Истото го правите преку впишување на таен клуч на другиот уред кога избирате папка или преку читање на QR код од мобилна апликација. Покрај можноста за синхронизација на папката од првиот уред, можете да додадете било која додатна папка од другите уреди да се синхронизира со уредите. На мобилната апликација има можност за избор на backup папка која што автоматски ќе се синхронизира на другите уреди и може да ја користите за заштита на податоците од губење.
За наједноставно прилагодување и користење, најдобро е поставување на една папка на првиот компјутер која што ќе биде синхронизирана на другите уреди. Во папката можете да креирате колку сакате додатни папки. На овој начин ќе можете да го наместите BitTorrent Sync да функционира како Dropbox и да служи како ваш заштитен cloud сервис.
BitTorrent Sync е суште во бета верзија, а можете да го симнете преку следниот линк со избирање на вашиот систем.