bleep-blog-logo1

Bleep е апликација наменета за текстуални и аудио разговори, развиена од страна на BitTorrent. Она по што оваа апликација се разликува од повеќето масовно користени апликации денес е протоколот кој што го користи за комуникација, протокол кој што овозможува разговорите да бидат тајни. Ова е карактеристика популарна во последните неколку години, по познатото протекување на информации за нивото на следење на комуникациите од страна на властите во светот.

Апликацијата која што е достапна за корисниците на Windows, Mac и Android, го користи BitTorrent протоколот кој што вклучува peer-to-peer комуникација, односно директна комуникација помеѓу корисниците без користење на облакот, како што тоа денес популарно се нарекува. Не користење на облакот во основа значи дека комуникацијата не поминува преку сервери од компанијата, па поради тоа тие не се во можност да чуваат логови од разговорите, па истите да ги дадат на властите доколку тоа биде побарано од нив. Сепак не користењето на сервери не ја прави комуникацијата безбедна, па целата комуникација преку Bleep е енкриптирана на двете страни, односно само страните кои што разговараат можат да го прочитаат пораките.

Bleep беше претставена во Јули кога беше достапна преку покана за корисниците кои што ќе се пријават за нејзино користење. Апликацијата е во алфа развојна верзија, што значи дека има уште време додека биде спремна за официјално користење. Како и да е, од компанијата одлучија да ја направат оваа алфа верзија достапна за сите заинтересирани корисници, па веќе не е потребно да добиете покана.

Со овозможувањето на алфа верзијата за сите корисници, Bleep добива и поддршка за две дополнителни платформи, односно сега е достапна и за корисниците на Mac и Android.

bleep-screens-3

Поради тоа што комуникацијата се одвива директно, можете да испраќате и примате пораки или повици само кога вие и другата страна сте онлајн во исто време, односно како што порано функционираше Skype. Најавувањето на апликацијата може да се направи преку внесување на email адреса, телефонски број или анонимно. Анонимното најавување значи дека другите корисници нема да можат да ве најдат врз основа на вашето име, email или број, па контактот ќе мора самите да им го дадете, а тоа можете да го направите и преку генерирање на QR код.

На Android се препорачува да се користи само преку Wi-Fi поради постоење на баг, поради кој што не се препорачува користење освен ако не сте на неограничен пакет за мобилен интернет. Пренесување на сметката моментално може да се прави само од десктоп на мобилен, но не и обратно, а пораките добиени на еден уред, нема да бидат прикажани на друг.

Bleep можете да ја симнете преку официјалната страна на BitTorrent, како и во Play продавницата.

Извор: BitTorrent

Претходна статијаНАСА склучи договор за вселенско такси со Boeing и SpaceX
Следна статијаРусија развива гориво за генерирање на нуклеарна енергија без радиоактивен отпад
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.